Далиќ: Проблематичните играчи веќе не се дел од хрватскиот тим!

Дерби

06/12/2022

12:19

2.190

Големина на фонт

а а а

Хрватска со доста мака ја оправда фаворитската улога против Јапонија и преку пенал рулетот се најде во четвртфиналето на Светското првенство, што значи дека „коцкестите“ втор пат во низа се меѓу осумте најдобри селекции во светот.

Актуелниот светски вицешампион се уште е дел од големиот турнир во Катар и во четвртфиналето ќе има една од најтешките можни задачи, бидејќи ќе оди на мегдан против разиграните Бразилци кои атакуваа на шестата светска круна.

Хрватите ќе имаат неколку дена да се подготват за натпреварот кој е закажан за во петок, а Далиќ верува дека сплотеноста и однесувањето како едно фудбалско семејство ќе помогне да се носат и со големиот Бразил.

– Повторно сме меѓу осумте најдобри во светот. Причина за тоа е семејната атмосфера која владее во тимот, постои заедништво и имаше доверба во себе. Ние сме една од најдобро уредените репрезентации, ова го велам за сите параметри. Тука спаѓаат изјавите, фер-плејот, играта. Нема караници и инциденти. Имаме интерни казни во репрезентацијата, но ниту една не е изречена. Посебно сум им благодарен на играчите кои не одиграа ниту една минута досега, но кои секогаш се тука за тимот и имаат огромен допринос, – изјави Далиќ и додава.

– Ако се побунат резервите, тоа знае да биде многу лошо. Еден таков играч, повлекува уште двајца или тројца. Сега немаме такви играчи во тимот. Играчите кои се на клупата знаат да решат проблем во секунда и навистина сме како семејство. Проблематичните играчи, оние кои мислеа дека се над Хрватска веќе не се со тимот, – завршил Хрватот.

Селекторот со оваа изјава јасно алудирал на двајцата играчи кои правеа проблеми во репрезентацијата, напаѓачите Никола Калиниќ и Анте Ребиќ. Првиот одби да влезе во игра на Светското првенство во 2018-та година и беше исфрлен од тимот, а фудбалерот на Милан веќе не добива повици за селекцијата откако јавно ја прозиваше работата на селекторот по елиминацијата на Европското првенство пред една година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг