Ако во изминатите години владееше тренд на едноставни фризури, 2023 година е подготвена да изненади.
Слоевитост, патец на страна, винтиџ боб и шишки ќе владеат во годината пред нас, барем ако судиме по она што изминатиот период можеше да се види на модните писти.
Во продолжение, погледнете некои од трендовите за фризури кои ќе доминираат во годината која е пред нас.
Најдобрата работа во врска со шишките е тоа што е толку едноставен стил, но може во целост да го трансформира изгледот. Шишките се вратија за пролетната и летната сезона така што повеќепати, во неделите зад нас, се појавија на модните писти. Стилистите си поиграа и со должините, па така во разните модни кампањи можевме да забележиме и кратки и подолги шишки.
Дебатата за патецот на страна или на средина ја прекинаа колекциите како што е ревијата на „Tommy Hilfiger“ за есен/зима 2022 година. Длабокиот страничен патец доминираше на пистата и го зацврсти елитниот статус на оваа фризура.
Официјално, боб фризурата е доминантна фризура за претстојната сезона. Речиси секој дизајнер во одредена мера ја истакна боб фризурата која веднаш додава форма на секој изглед и е одлична ако имате тенка коса бидејќи на овој начин, таа ќе делува погуста и ќе биде полесна за обликување.
Неочекуваниот тренд директно од пистите, како што можеше да се види на ревиите за 2023 година на „Tom Ford“ и „Fendi“, се ситните локни. Покажете ја својата дива страна следната сезона со оваа храбра фризура.
Нискиот реп беше забележан на ревиите на „Chanel“ и „Miu Miu“. За да го постигнете ваквиот изглед, едноставно нанесете малку гел и залижете ја косата наназад, а можете да ја украсите и со некоја впечатлива шнола.