Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје на 7 април годинава.
На последното рочиште бранителите на обвинетите побараа ослободителна пресуда, додека јавната обвинителка Тања Трајчевска побара осудителна пресуда.
За кривичното дело убиство, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје обвини три лица: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).
Обвинетата Клементина изјави дека останува во целост со завршните зборови на нејзините адвокати и рече дека ѝ е жал за случајот, за кој, како што рече, „во никој случај не сакав да се случи тоа“.
Обвинетиот Андреј Костовски рече дека му е криво и жал за настанот и како олеснителна околност го посочи фактот што самиот се пријавил во полициската станица за расветлување на случајот.
Во завршните зборови на рочиште пред десетина дена, обвинителката Тања Трајчевска, побара тројцата обвинети да бидат прогласени за виновни бидејќи, според неа, во судскиот процес се докажало дека тие го сториле кривичното дело за кое се гонеле.
Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда бидејќи според бранителите на тројцата обвините, никој од нив не ги задал ударите што биле фатални за хрватскиот ракометар, а обвинителството не докажало дека се исполнети „битијата“ за кривично дело убиство.