Бугарска телевизија објави снимка од кршењето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид

Макфакс

22/11/2022

11:14

3.992

Големина на фонт

а а а

Бугарската телевизија „БТВ“ објави видео од инцидентот во кој беше демолиран бугарскиот центар „Цар Борис Трети“ во Охрид.

„Агресијата врз бугарските клубови во Северна Македонија има за цел да ја спречи земјата да влезе во ЕУ. Проблемот е геополитички и никој не сака да го реши спорот“, коментираше новинарот Димитар Георгиев за телевизијата.

Вчера беа искршени стаклата од влезот во објектот, а ваквиот чин доаѓа три дена откако клубот го прослави првиот роденден со настан што го организираше во просториите.

На фејсбук-страницата од клубот „Цар Борис III“ беше споделена објава во која лицата кои ги искршиле стаклата се нарекуваат „маскирани патриоти“.

„‘Маскирани патриоти’ чии лица се видливи ги нападнаа уште еднаш Бугарите и бугарските клубови. До кога ќе молчиме?“.

Министерството за надворешни работи на Бугарија синоќа го осуди оштетувањето.

„Таквите постапки намерно ги попречуваат напорите за воспоставување пријателство, добрососедство и соработка како водечки принципи во односите меѓу Бугарија и Македонија, соопштија од МНР на Бугарија.

Според нив, имињата на бугарските клубови не се причина за таа кампања и потенцираат дека „лидерот на најголемата опозициска партија во Скопје веќе отворено повикува на итно затворање на бугарските клубови само затоа што се бугарски, без разлика како се нарекуваат“.

„Убедени сме дека Министерството за надворешни работи на Македонија ќе има навремена и соодветна реакција на она што се случи“, се наведува во ставот.

Отворањето на просториите на клубот во Охрид кој носи контроверзно име се случи на почетокот од октомври. Тогаш, со протест и тензии помина свеченоста. Тие го спореа името „Цар Борис III“ затоа што историски гледано, е дел од фашистичка Бугарија. За овој случај има и предмет во Уставен суд.

Според измените на Законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри во земјава имаат рок од три месеци да ги променат имињата на здруженијата. Второто здружение го носи името „Ванчо Михајлов“, исто така контроверзна историска личност, соработник на фашистите, а клубот се наоѓа во Битола и беше запален.



Спонзорирани линкови

Маркетинг