На Клиниката за онкологија се прави целосна ревизија на работењето, која треба да покаже дали има скандал на клиниката со немањето и препродажбата на цитостатици.
Министерот за здравство, Беким Сали, побарал од новата в.д. директорка на Клиниката за онкологија, д-р Виолета Клисарова, да ги провери документите за да се дознае каде завршуваат парите во оваа јавна здравствена установа која е должник рекордер и е во минус над 12 милиони евра. Не платиле за терапии, ниту за комунални трошоци. Сали конечно и јавно кажа зошто побарал оставка од Нино Васев.
„Прогресивно зголемување на долгот на клиниката, ненавремено снабдување со терапија и недавање на можо решение за овој проблем. И ако брзо не реагиравме со оставка на директорот долговите ќе растеа уште попрогресивно“, изјави Беким Сали.
Сали смета дека ревидирање на работењето на Онкологија е неопходно, притоа најавувајќи дека во овие активности ќе се вклучат и Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Доколку се установи дека имало недостатоци во третманот на пациентите на Онкологија, ќе се вклучат и инспекторите од ДСЗИ. Во овие активности ќе се анализира буџетот на оваа Клиника, и тоа зошто, во изминатиов период, постојано се зголемувал нејзиниот долгот. Клиниката истовремено немала план како да ја обезбеди неопходната онколошка терапија и како да се надмине проблемот што сериозно ги засегал пациентите“, вели Сали.
Беким Сали прво ќе ја чека ревизијата на директорката, по што ќе одлучи дали и која надлежна институција ќе го продолжи случајот со Онкологија. Но не е само во долгови оваа клиника туку и останатите од комплексот Мајка Тереза, што резултира со голем и заостанат долг за електрична енергија.