Бразил избира претседател

Макфакс

02/10/2022

10:46

679

Големина на фонт

а а а

По жестоката изборна кампања, Бразилците денеска излегуваат на гласање за да изберат нов претседател, а главни претседателски кандидати се актуелниот претседател, десничарскиот Жаир Болсонаро и левичарскиот поранешен претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој беше на власт од 2003 до 2010 година.

Анкетите му даваат јасно водство на Лула, но Болсонаро претходно изрази сомневање за изборниот систем и навести дека можеби нема да ги признае резултатите од изборите, кои ја поделија најголемата економија во Латинска Америка. Во нивната последна дебата пред изборите во недела, двајцата кандидати разменија обвинувања за корупција и малку разговараа за предлозите за управување со јужноамериканската земја.

Болсонаро го нарече својот левичарски ривал шеф на криминална група која раководеше со „клептократија“ за време на два претседателски мандати и „крадец“ затоа што поранешниот претседател беше затворен за корупција.

Лула, кој има двоцифрено водство пред првиот круг на гласање, го нарече Болсонаро „бесрамен“ лажго чија влада прикрила мито за да купи вакцини за време на пандемијата „Ковид-19“, во која загинаа повеќе од 680.000 Бразилци. Тој, исто така, го обвини за „геноцид“ за неговата колеблива политика во борбата против коронавирусот.

Најмалку тројца приврзаници на Лула беа убиени во последните месеци, а приврзаниците на Болсонаро се осомничени за овие убиства. Поддржувачите на актуелниот претседател постојано отворено повикуваа на воен удар.

Над 156 милиони луѓе имаат право на глас на претседателските избори. Победникот може да биде објавен во рок од неколку часа по затворањето на гласачките места.

Високиот изборен суд одобри распоредување на вооружени сили во 568 општини на денот на изборите, со цел да се гарантира дека граѓаните ги користат своите избирачки права.

Доколку ниту еден од претседателските кандидати не добие повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг, двајцата кандидати со најмногу гласови ќе се соочат во вториот круг на 30 октомври.




Спонзорирани линкови

Маркетинг