Екипата на МЗТ Скопје имаше посакуван старт на кампањата 2022/2023 и тоа со триумф во Суперкупот каде го совлада ТФТ со 100:82.
„Металите“ покажаа знаење, квалитет, го надиграа противникот и сосема заслужено дојдоа до првиот трофеј. Тренерот Александар Петровиќ беше задоволен од прикажаната игра на неговиот момци, а победата, пехарот им го посвети на тројца специјални луѓе Драган Василов Цевка, Анте Дуковски и Марјан Лазовски.
- Ова не е изненадување за мене, заслужено победивме бидејќи имавме контрола над резултатот во текот на целиот натпревар. Нормално, се игра за трофеј. Секој трофеј е важен. Очекував ваков натпревар и од моите играчи и од страна на ТФТ. И многу ми е драго што трофејот го носи името на мојот другар Драган Василов Цевка. Сакам да им го посветам овој освоен трофеј на Драган Василов Цевка, Анте Дуковски и на Маки Лазовски кои нè напуштија прерано, - порача Петровиќ.
Честитки за триумфот на противникот испрати и тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
- Пред сè, мислам дека епитетот на Суперкуп натпревар за пехар единствено го оправда амбиентот што го имавме вечерва, сигурно не го оправдавме ние како екипа. Успеавме да ги елиминираме грешките и да најдеме карактер во второто полувреме. Сепак, беше преголем залак после едно такво лошо полувреме, да победиме. Што поради наши грешки, што поради судиски, пресудија за исходот. Честитки до МЗТ Скопје Аеродром за освоениот пехар во Суперкупот, - порача Смилковски.