Американски аналитичари: Ова се знаците кои ќе откријат дали Путин подготвува нуклеарен напад

Точка

22/09/2022

20:49

54.475

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ѝ се обрати на нацијата и испрати нова закана до Западот. Тој го обвини Западот дека планира да ја уништи Русија.

„И ние имаме оружје за масовно уништување, и тоа помодерно од НАТО. Ако треба да се заштити нашиот народ, ќе го заштитиме. Не блефирам!“, изјави Путин.

Користењето на нуклеарно оружје е последната мерка која Русија би можела да ја искористи, а аналитичарите од САД тврдат дека постојат некои знаци кои ќе откријат дали Путин подготвува нуклеарен напад.

Кои се тие знаци?

Ханс Кристенсен, директор на Проектот за нуклеарни информации при Федерацијата на американски научници, изјавил за „Newsweek“ дека Путин би можел да дејствува побрзо со оружје со долг дострел, кое е веќе во состојба на приправност, наместо со оружје со краток дострел.

Активноста на местата каде се складираат боеви глави кои потоа би биле натоварени на камиони и хеликоптери и зголемената активност помеѓу специјално обучените единици кои можат да ракуваат со тоа оружје би значело дека Путин се подготвува за напад со оружје со краток дострел.


Од друга страна, користењето на оружје со долг дострел може да се очекува доколку копнените мобилни лансери, ракетните подморници или крстаречки ракети се прераспоредуваат во поголем број од вообичаеното.

Кристенсен наведува дека, доколку дојде до тоа, би имало низа видливи активности во нуклеарниот команден и контролен систем и општата комуникација кои би укажувале на тоа дека нешто се случува.

Русија има најмногу нуклеарно оружје на светот

Според Федерацијата на американски научници, Русија го има најголемиот инвентар на нуклеарни боеви глави во светот со вкупно 5.977 парчиња. На второ место се САД со 4.428, а потоа следи Франција со 290. Сепак, точниот број на боеви глави што ги поседува Русија не е познат поради безбедносни причини.

Следењето на нивоата на нуклеарна активност е норма уште од Студената војна, изјавил за „Newsweek“ Џон Ерат, висок политички директор во Центарот за контрола на оружјето.


Кога Путин се закани со нуклеарно оружје во март, немаше никаква активност на терен, што значи дека рускиот лидер навистина не подготвувал нуклеарен напад, наведува Кристенсен. Тој смета дека експертите ќе продолжат да ги набљудуваат овие активности за да утврдат колку била сериозна неговата вчерашна закана.

Кристенсен додава и дека американската војска има околу 1.000 парчиња оружје подготвени за пукање во рок од неколку минути, така што би била добро подготвена да одговори доколку Путин започне напад.

Американската војска може да одговори за неколку минути

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби во средата изјави дека ќе има „сериозни последици“ доколку Русија одлучи да употреби нуклеарно оружје, но дека американските разузнавачи „немаат сознанија“ дека настаните во Украина можат да ескалираат до ова ниво во овој момент.


Западот ги осуди заканите на Владимир Путин, а Ерат истакнува дека светските лидери ќе бидат многу внимателни околу тоа што ќе кажат бидејќи ниту еден лидер, вклучително и Путин, „не сака да биде одговорен за започнување на голем нуклеарен конфликт“. Тој додава дека дел од опасноста е тоа што Путин не блефира и светските лидери мора да го сфатат сериозно и да се подготват.

„Но, мислам дека она што тој се обидува да го направи е да ја искористи заканата од нуклеарно оружје, за кое сите знаат дека Русија го има во изобилство, за да ги натера другите земји да ја преиспитаат својата поддршка за Украина“, вели Ерат.



Спонзорирани линкови

Маркетинг