Собрани се над 500 потписи за неполн час за иницијативата за референдум, соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски потсети дека потребни беа 100 потписи.
„Собрани над 500 потписи за неполн час, иако за иницијативата за референдум се потребни само 100. Благодарам за брзиот одговор и иницијативност. Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет. На потег е Собранието“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Тој претходно денес во Државната изборна комисија ја поднесе иницијативата за референдум за укинување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Побара со референдумот, на еден трошок, да се организираат и предвремени избори.
ДИК понатаму ќе треба да ја достави иницијативата до Собранието, па до законодавно-правната комисија и комисијата за политички систем.
За да се распише задолжителен референдум, потребно е да се соберат 150.000 потписи. За референдумот да биде успешен треба да излезат и да гласаат над 910.000 граѓани.