(Видео) Одбројувањето започна: Следете го во живо лансирањето на најмоќната ракета која НАСА некогаш ја изградила

Точка

29/08/2022

12:01

26.787

Големина на фонт

а а а

Тимовите за лансирање во вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида ги завршија последните подготовки во пресрет на денешниот прв пробен лет на џиновската ракета „Артемис-1“ од новата генерација, во рамки на програмата на НАСА, „Од Месечината до Марс“, 50 ​​години по ерата на ракетата „Аполо“, соопштуваат од НАСА.

Претставници на НАСА потврдија дека сите системи се подготвени за лансирање на ракетата, а временската прогноза предвидува 80 отсто поволни метеоролошки услови за лансирањето кое треба да почне денеска околу 10:30 часот по средноевропско време, пренесува „Ројтерс“.

Доколку од било која причина дојде до одложување на денешното лансирање на „Артемис-1“ НАСА ги одреди 2-ри и 5-ти септември како алтернативни датуми за лансирање.

„Засега сè во врска со вселенското летало изгледа добро. Возбудени сме, ракетата е подготвена и изгледа одлично“, изјавил Џеф Сполдинг, висок претставник на НАСА.

Најмоќната ракета која НАСА некогаш ја изградила

Американските медиуми наведуваат дека ракетата „Space Launch System“ (SLS), висока 98 метри, е најмоќната ракета која НАСА некогаш ја изградила.

Таа е направена да испрати празна капсула „Орион“ во орбитата на Месечината, половина век по програмата Аполо на НАСА која испрати 12 астронаути на Месечината.

Доколку овој шестнеделен тест помине како што треба, астронаутите за неколку години би можеле да се вратат на Месечината, но претставници на НАСА предупредуваат дека ризикот е голем и дека летот би можел да биде прекинат.


Астронаутски мисии веќе од 2024 година

Ако сè биде во ред, НАСА се надева дека Орион веќе во 2024 година ќе ги испрати астронаутите на Месечината.

„Тоа е иднината во која НАСА ќе ја испрати првата жена и првата обоена личност на Месечината. А во овие сè покомплексни мисии, астронаутите ќе живеат и работат во длабоката вселена и ќе ги развиваат науката и технологијата за испраќање на првите луѓе на Марс“, изјавил Бил Нелсон, администратор на НАСА, на конференцијата за новинари.



Спонзорирани линкови

Маркетинг