Силвер Стил од Хјустон, инаку геј порно актер, неодамна на својот Инстаграм профил споделил фотографија на која го покажува прогресот на мајмунските сипаници.
Стил покажал како изгледале пликовите кои ги развил на самиот почеток на болеста, а како по 20 дена.
Тој започнал да покажува изразени симптоми на мајмунски сипаници на 11-ти јули, кога околу устата започнале да му се појавуваат мали бели точки налик на мозолчиња. Во текот на наредните 3 недели точките станале болни, се прошириле во црвени пликови, а потоа и во красти. Силвер сега стравува дека на лицето ќе му останат лузни за цел живот.
Американецот за првпат забележал промени на брадата по прославата на Денот на независноста на 4-ти јули, а на почетокот мислел дека тоа е само иритација од бричење, пренесува „Insider“.
Но, 4 дена подоцна Силвер започнал да се чувствува лошо – имал проблеми со движењето, неговите лимфни јазли биле отечени и чувствувал болки во грлото.
По посетата на лекар било потврдено дека боледува од мајмунски сипаници, а докторите му најавиле и дека наскоро ќе добие треска. Во рок од 48 часа, симптомите налик на грип се повлекле, но развил лезии на лицето, грлото, непцата, нозете и рацете кои притоа го болеле.
„Имаше моменти кога буквално само седев и гледав ТВ и чувствував како да ме прободуваат со ножеви. Болката беше прилично интензивна“, вели Стил за „Insider“.
Тој открил и дека за време на болеста ослабнал околу 7 килограми, а конечно закрепнал по 18 дена откако ги развил првите симптоми. Стил апелира да не се осудуваат лицата кои го добиле вирусот и луѓето да имаат разбирање.
„Ова не се луѓе кои заслужуваат да го добијат вирусот, едноставно го добиле. Затоа, обидете се да бидете сочувствителни и запомнете дека и тие се луѓе и се загрижени, исплашени и во болки“, порачал тој.