Авганистанците под талибаните живеат релативно побезбедно, но без надеж

Точка

15/08/2022

16:38

2.640

Големина на фонт

а а а

Една година од преземањето на власта талибаните денеска прославиле со помали прослави, додека Авганистан се бори со растечка сиромаштија, суша, глад и се помала надеж меѓу жените дека ќе имаат некаква улога во иднината на земјата.

Со славенички истрели во воздухот во Кабул, талибанските борци се собрале мавтајќи со црно-бело талибанско знаме за да одбележат една година откако упаднаа во главниот град, по низата победи на бојното поле. „Овој ден е ден на победа на вистината над лагите, и дена на спасот и слободата на авганистанската нација“, порачал портпаролот на талибаните Забихулах Муџахид.

Земјата е побезбедна од тоа што беше кога исламското движење се бореше против странските сили предводени од САД и нивните авганистански сојузници, иако локалниот огранок на ИСИС изведе неколку напади, оценува "Reuters".

Но таа релативна безбедност не може да ги прикрие размерите на проблемите со кои талибаните се соочуваат во обид да започнат економски раст во државата и да воспостават стабилност.


Постојат огромни притисоци на економијата, предизвикани од изолацијата на земјата бидејќи странските влади одбиваат да ги признаат нејзините лидери.

Развојната помош на која земјата толку се потпира е намалена бидејќи меѓународната заедница бара талибаните да ги почитуваат правата на Авганистанците, посебно на девојките и жените на кои им е ограничен пристапот во рабата и образованието.

Талибаните бараат да се вратат 9 милијарди долари во резервите на централната банка кои се држат во странство, но преговорите со САД наидуваат на препреки, вклучувајќи ги и барањата на САД талибанските лидери на кои им се воведени санкции да отстапат од своите позиции.

Талибаните одбиваат да попуштат пред овие барања и порачуваат дека ги почитуваат сите права на Авганистанците во рамките на нивното гледиште на исламскиот закон.


Се додека не дојде до големи промени во гледиштата од било која страна, нема да се реши проблемот со големиот раст на цените, растечката навработеност и глад, што ќе биде влошено со доаѓањето на зимата, додава "Reuters".

„Сите одиме кон темнина и несреќа“, рекла Амена Арезо, лекарка од југоисточната покраина Газни. „Луѓето немаат иднина, посебно жените“, додала таа.

Повеќе од половина од населението живее во сиромаштија

Околу 25 милиони Авганистанци сега живеат во сиромаштија, што е повеќе од половина од вкупниот број на жители. Обединетите нации проценуваат дека до 900.000 работни места би можеле да бидат изгубени оваа година.

Фатима, која живее во покраината Херат на западот на земјата, рекла дека забележала подобрена безбедносна ситуација во текот на изминатата година, но со ужас забележала и дека училиштата за девојчињата се затворени и дека постои недостиг на можности жените да се вработат.


Како и многу други Авганистанки, побарала да се наведе само нејзиното име, стравувајќи од одмазда.

Џавид од јужната покраина Хелманд, каде порано се воделе големи борби, рекол дека безбедноста многу се зголемила откако талибаните ја вратиле власта 20 години откако биле урнати со помош на САД, но дека се чувствува огромната инфлација.

Последен пат кога талибаните владееле со Авганистан во доцните 1990-ти, жените не можеле да работат, на девојчињата им било забрането да одат во училиште, а строгиот исламски закон бил брутално спроведуван, вклучувајќи јавни погубувања.

Цивилното општество и независните медиуми се се послаби, а многумина од тој сектор ја напуштиле државата.

Мисијата на ОН неодамна објавила извештај дека талибаните ја ограничуваат можноста за отпор со апсење на новинари, активисти и демонстранти.


Портпаролот на талибаните ги отфрла таквите наводи и порачува дека арбитрарни апсења не се дозволени.

Со земјата и натаму управува привремена влада, а врховниот лидер на талибаните, сместен во јужниот град Кандахар, може да ги поништи нејзините одлуки.

Некои правни експерти велат дека не е секогаш јасно како шеријатскиот закон ќе се интерпретира и примени во пракса. „Најочигледниот проблем е што не постои униформираност на законот“, рекол Залмај Мишат, авганистански уставен експерт кој претходно работел како владин советник.

Додава дека сега законите ги толкува врховниот лидер и дека најголем проблем во овој случај е "непредвидливоста".



Спонзорирани линкови

Маркетинг