Шест начини на кои Кина може да им се одмазди на САД: Посетата на Пелоси на Тајван ги зголеми тензиите меѓу двете суперсили

Точка

04/08/2022

22:05

50.502

Големина на фонт

а а а

Откако посетата на Ненси Пелоси на Тајван ги зголеми тензиите меѓу двете ривалски суперсили, светот сега се подготвува за одговорот на Кина.

Претседателот Ши Џинпинг на американскиот лидер Џо Бајден во текот на телефонскиот разговор минатата недела му рекол "дека тој што си игра со оган ќе изгори", мислејќи на Тајван, кој Кина го смета за своја територија. Портпаролот на министерството за надворешни работи Џао Лиџијан тогаш рекол дека Народноослободителната армија нема да седи со прекрстени раце ако Пелоси стане највисок американски службеник кој го посетил Тајван последните 25 години.

Ни Ши ни Бајден немаат интерес да предизвикаат судир кој би можел да направи уште поголема економска штета а телефонскиот разговор од минатата недела укажал дека се подготвуваат за својот прв состанок лице во лице во наредните месеци.


Но воинствената реторика и растечкиот анимозитет во двете земји придонесуваат на притисокот на Ши да преземе моќен одговор, посебно додека се подготвува за партиски состанок кој се случува два пати во деценијата подоцна оваа година, и на кој се очекува да си обезбеди трет мандат.

Иако Америка го укинала договорот за меѓусебна одбрана со Тајван во 1979-та година, Кина мора да смета на можноста дека американската војска ќе биде вовлечена во било каков конфликт. Бајден во мај рекол дека Вашингтон ќе го брани Тајван од напади на Кина, иако Белата куќа објаснила дека тој мислел на тоа дека САД ќе обезбеди воено оружје во склад со постоечките договори.

Ова се некои од акциите кои Кина може да ги преземе во знак на одмазда.

1. Поголеми упади на воени авиони

Бидејќи секојдневните упади во зоната на идентификација на противвоздушната одбрана на островот се веќе норма, Народноослободителната војска би морала да прати посебно голема или невообичаена серија летови. Дневниот рекорд е 56 авиони кои упаднале во зоната на 4-ти октомври, што се поклопило со воените вежби под водство на САД во близина. На пример, по посетата на делегацијата на американскиот Конгрес во ноември, околу 15 авиони летале на источната страна на Тајван, наместо на вообичаените југозападни рути.


Кина би можела да го одржи ова ниво на закана со денови или недели, исцрпувајќи ги ресурсите на тајванското воено воздухопловство кое се обидува да ги истера авионите.

Кина ќе мора да одговори воено "на начин кој е јасна ескалација во однос на претходната демонстрација на сила", рекла Аманда Хсиао, висок аналитичар на Кризната група со седиште на Тајван.

2. Летање со воени авиони над Тајван

Весникот на Комунистичката партија "Global Times" сугерирал дека Кина треба да изврши воен лет директно над Тајван, принудувајќи ја владата на Цаи ИнгВен да одлучи дали сака да го собори. Минатата година, тајванскиот министер за одбрана Чиу Куоченг предупредил: „Што повеќе се приближувате до островот, толку посилно ќе возвратиме“.

Алтернативно, праќање на налети преку средната линија на Тајванскиот мореуз, тампон зоната која САД ја воспоставиле во 1954-та година и која Пекинг не ја признава, би извршило притисок на тајванската војска така што би барало нејзините авиони да останат во воздухот. Кинеските авиони неколку пати ја пробивале линијата во септември 2020-та година, кога тогашниот американски државен потсекретар отпатувал на островот.

Ху Сијин, поранешен главен уредник на "Global Times" во сега веќе избришан твит навел дека кинеските воени авиони би можеле насилно да го растурат авионот на Пелоси. Дури и предложил кинески воени авиони да ја следат Пелоси во било кој обид за лет на Тајван, што лесно би можело да доведе до погрешна проценка од било која страна.

3. Тест ракети во близина на Тајван

Летото 1995-та година се случил еден од најпровокативните одговори на Кина на размена меѓу Вашингтон и Тајпеј, кога Пекинг пробно лансирал проектили во морето во близина на островот. Тој потег бил дел од протестот на Кина против одлуката на претседателот Бил Клинтон да и дозволи на првиот демократски избран претседател на Тајван да ги посети САД.


Кина прогласила зона на исклучување околу таргетирани подрачја во текот на тестовите, попречувајќи го бродскиот и воздушен сообраќај. Неодамна кинеската војска лансирала балистички ракети "носач-убиец" во Јужнокинеското море, што е видено како одговор на американските поморски вежби.

4. Економска болка

Кина е најголем трговски партнер на Тајван. Пекинг би можел да ја искористи таа предност со санкционирање на извозна роба, со бојкот на некоја тајванска роба или ограничување на двонасочна трговија. Кина во понеделникот забранила увоз на храна од повеќе од 100 тајвански доставувачи. Меѓутоа, Кина мора внимателно да постапува бидејќи Тајван и е потребен за полупроводници.

Пекинг веќе ги погодил тајванските лидери со санкции, вклучувајќи забрана за патување на копно. Повеќе службеници би можеле да се соочат со слични санкции, но тие би имале мало влијание бидејќи е малку веројатно дека тајванските политичари би патувале во Кина или таму би работеле.

Кина исто така би можела да го наруши транспортот во Тајванскиот мореуз, клучен глобален трговски пат. Кинеските воени службеници последните месеци неколку пати им кажувале на американските колеги дека мореузот не се меѓународни води. Сепак, било какви потези кои го попречуваат комерцијалниот транспорт само би и наштетиле на кинеската економија.

5. Дипломатски протест

"Global Times" во вторникот предупредил дека администрацијата на Бајден ќе се соочи со сериозно уназадување во односите меѓу Кина и САД поради патувањето на Пелоси. Тоа би можело да значи отповик на кинескиот амбасадор во САД Чин Ганга, кој ја преземал својата функција минатата година. Пекинг во 1995-та година го повлекол својот тогаш амбасадор во САД Ли Даожу откако Вашингтон му дозволил на тогашниот претседател на Тајван Ли да ги посети САД. Меѓутоа, тоа несогласување се случило на повисоко дипломатско ниво од тоа на кое е Пелоси.

Кина минатата година го отповикала својот амбасадор во Литванија откако таа балтичка земја му дозволила на Тајван да отвори канцеларија во својот главен град под свое име, а не како Кинески Тајпеј - термин кој Пекинг го смета за понеутрален.

6. Заземање на острови

Пекинг има други воени опции освен ризична инвазија преку 130 километри од Тајванскиот мореуз - како што е заземање на еден од помалите оддалечени острови кои ги држи владата во Тајпеј, иако овој облик на провокација е малку веројатен.

Во текот на раните денови од Студената војна, военото бомбардирање на тајванските острови Кинмен од страна на кинеската армија привлекло голема воена поддршка од САД. Тајван го одбил кинеското напредување, но не пред да бидат убиени стотици војници. Островот Пратас кој го контролира Тајпеј, на 400 километри од брегот на Тајван, е уште една ранлива точка.

Кина во 2012-та година во територијален спор во Јужнокинеското море заземала корален гребен со големина колку островот Менхетн, за кој Филипините тврделе дека е нивен. САД секое такво заземање на тајванска територија би го набљудувале како голема ескалација која би можела да ги тестира границите на воената посветеност кон островот на Бајден.

Сепак, таквата акција носи и дипломатски ризици за Пекинг. Заземање на остров под контрола на Тајван би можело да ги поттикне САД да наменат дополнителни санкции за Кина и паника во соседните земји во Азија, од кои многумина имаат територијални спорови со Пекинг.




Спонзорирани линкови

Маркетинг