Италија и криминал: Екстрадиран најбараниот бегалец, Роко Морабито, познат и како "миланскиот крал на кокаинот"

Точка

06/07/2022

18:54

4.329

Големина на фонт

а а а

Еден од најбараните луѓе во Италија, мафијашот Роко Морабито, пристигнал во Рим откако бил екстрадиран од Бразил, каде се криел со години.

Познат како "Миланскиот крал на кокаинот", Морабито бил уапсен во мај минатата година во заедничката акција на бразилската и италијанската полиција.

Овој 55-годишник ќе издржува казна од 30 години затвори поради трговија со дрога.

Мафијашкиот шеф со децении минал во бегство користејќи лажен идентитет во Јужна Америка.

Полицијата конечно му влегла во трага минатата година во Жоао Песоа, пристанишен град на североистокот на Бразил, каде бил уапсен заедно со уште еден член на мафијашката група Ндрангета, Виченцо Пасквино.

Пасквино тогаш бил осуден на 17 години затвор поради трговија со дрога.


Уметник за бегства

Со доаѓањето на Морабито во Рим, завршена е повеќедецениската потрага по него.

Роден во калбрискиот град Африко и со семејни врски со мафијашкиот бос Џузепе Морабито, Роко Морабито станал клучна фигура во Ндрангета, распространета криминална мрежа која контролира поголем дел од трговијата со кокаин во Италија и пошироко.

Морабито уште како младо момче се пробил на мафијашката скала во трговијата со дрога во Милано, воспоставувајќи клучни рути за шверц на кокаин од Јужна Америка во италијанскиот град.

Модерно облечен во одела со двојни копчиња, често можел да се види на градски настани и набрзо и упаднал во очи на италијанската полиција.


Бил снимен како се обидува да посредува во договори за увоз на повеќе тони кокаин од Јужна Америка, но исчезнал набрзо после тоа.

Полицијата верувала дека побегнал во Бразил, каде живеел под лажно име Франсиско Капелето.

Од таму се преселил во соседен Уругвај, каде живеел во одморалиштето Пунта дел Еста најмалку 13 години.

Додека изнајмувал луксузна куќа, полнејќи ја со уметнички дела, соседите зборувале дека возел скромен автомобил и дури кога приредил раскошна забава за роденденот на својата ќерка, дознале за неговото богатство.


Но, кога Морабито ја запишал својата ќерка во училиште со нејзиното вистинско име, полицијата го ставила под надзор.

Во септември 2017-та година, кога Морабито се преселил во хотел во Монтевидео, откако се скарал со сопругата, полицијата извршила упад.

Меѓу неговите работи пронашле пиштол, 13 мобилни телефони и 150 негови фотографии за пасош на кои бил различно маскиран.

Меѓутоа, неговите денови во бегство се уште не биле готови.


Тој во 2019-та година, откако минал две години во затвор чекајќи екстрадиција во Италија, побегнал заедно со уште тројца затвореници низ дупка во кровот.

Во рамките на мултинационална полициска операција под водство на Интерпол против кланот Ндрангета, трагот до Морабито водел до хотел во градот Жоао Песоа во 2021-ва година.

Бразилскиот федерален врховен суд ја одобрил неговата екстрадиција во Италија минатата недела.




Спонзорирани линкови

Маркетинг