Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров денеска остварија средба од координативен карактер со Нил Вокер, директор на Светскиот конгрес за гранична безбедност, на која беше разговарано околу подготовките кои се во тек за одржување на Светскиот конгрес за гранично интегрирано управување, кој во април 2023 година ќе се одржи во Скопје, информираат од кабинетот на Спасовски.
На средбата Спасовски, се дополнува во соопштението, истакнал дека организацијата на ваков конгрес претставува голема чест за Република Македонија и меѓу другото кажал: „Имајќи предвид дека во денешно време границите во ЕУ кај нас со проектот Отворен Балкан овозможуваат слободно движење на стоки и услуги, одредени криминални структури го злоупотребуваат ваквиот момент, интегрираното гранично управување кое опфаќа координација со домашните институции, но и меѓународната соработка претставува вистински одговор на ваквите девијантни појави“.
,,Координацијата меѓу надлежните институции со брза размена на информации кај нас дава солидни практични резултати поради што Националниот координативен центар за гранично управување ја има целосната поддршка во натамошното кадровско и техничко доосовременување притоа следејќи ги најновите технички достигнувања“, истакнал Спасовски.
Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров потенцирал дека организацијата на овој конгрес е идеална можност да се разменат искуства со другите земји учеснички со што ќе бидат осознаени проблемите и ќе се изнајдат решенија за нивно надминување. Директорот Нил Вокер на средбата истакнал дека организацијата на овој конгрес е одлична можност за поставување на Република Македонија на мапата на земји со исклучително искуство во граничното управување и запознавање на сите делегации со начините на решавање на сите проблеми со кои се соочуваме во областа на граничното управување.