(Видео) Ковачевски: Потонаа сите лажни тврдења - новиот предлог целосно го прифаќа македонскиот јазик, а протоколот нема да биде вклучен во преговарачката рамка

Точка

01/07/2022

14:23

3.443

Големина на фонт

а а а

Потонаа сите лажни тврдења. Доследно се држевме до нашите позиции и го штитевме македонскиот национален идентитет. Во новиот европски предлог имаме дефинитрано позиции за јасно прифаќање на македонскиот јазик, како и протоколот да не биде во преговарачката рамка.

Вака премиерот Димитар Ковачевски ја започна денешната прес-конференција во однос на францускиот предлог.

– Нашата позиција за понатамошно отпочнување на преговарачкиот процес и одржување меѓувладина конференција со ЕУ, исто така е во предлогот кој е доставен кај нас. Имаме план и стратегија која дава резултати. Процесот е транспарентен и јавноста ќе биде запознаена. Целиот предлог ќе биде објавен на веб-страната на Владата. Ова е првиот состанок, првото и најважно место за носење мудри одлуки. Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме ние согласно стратешките интереси на земјата. Дискусијата на состанокот беше конструктивна и државничка. На состанокот, Османи и Маричиќ информираа за предлогот и за сѐ што имаме како обврска да го заштитиме. Сите претседатели на партии го кажаа својот став и можам слободно да кажам дека сите имаа државнички став. Ќе имаме состаноци со претседателот на државата, па со претседателот на Собранието, а потоа и со пратениците во Парламентот – рече Ковачевски.

За обвинувањата дека двата предлози се идентични, премиерот одговори:

– Дел од медиумите кажуваат дека нема разлика во двата предлога, но бугарското Собрание донесе нова резолуција и со тоа што ја нулираше резолуцијата којашто беше рестриктивна во однос на кревањето на ветото. Тоа овозможи да се дојде до овој предлог. Овој предлог ќе оди во Собранието на разгледување и ние како држава сме се определиле дека нашата стратешка цел е членство во ЕУ. Обврска на секој политичар во земјава е да мисли за новите генерации, а не само на својата политичка кариера. Јас во неколку наврати сум кажал дека лидерски концепт во политиката значи да кажете „не“ кога треба да кажете „не“. Јас тоа го сторив во Брисел. Потоа дојдовме до решение кое денеска го разгледуваме. Сметам дека сите политички партии во земјава треба консензуално да се борат за подобра иднина. Ние не смееме да бидеме држава којашто не сака да се интегрира. Може човек да одлучи сам да биде изолиран, но не смее да дозволи граѓаните и државата да бидат изолирани. Оваа држава се наоѓа во срцето на Европа. Станавме членка на НАТО благодарение на мнозинството граѓани и мнозинството политички партии кои и денес се тука. Затоа ги повикувам веднаш да разговараме, да го погледнеме предлогот и да донесеме мудра одлука. Со носењето правилна одлука ние започнуваме со првата меѓувладина конференција со ЕУ – истакна премиерот.

Во однос на првиот француски предлог кој беше одбиен, Ковачевски рече дека и самиот тој имал забелешки.

– Еден мораше да отиде во Брисел и на маса со другите лидери јасно да го каже ставот од името на коалицијата и од името на граѓаните. Јас тоа го сторив. И тогаш не постоеја разлики помеѓу коалиционите партнери. Коалицијата денеска беше информирана во однос на предлогот и сите водевме државничка дискусија. На следен состанок ќе изградиме заеднички став, меѓутоа можам да ви кажам дека духот на разговорот беше на високо ниво – посочи Ковачевски.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ рече дека во моментот кога ние ќе се согласиме со преговарачката рамка, тогаш ќе биде свикана првата меѓувладина конференција.

– Во рамките на овој предлог се исполнети нашите барања. Во нашата рамка беа ставени Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. И тоа не е невообичаено. Ние имаме гаранција дека тоа што сме го ратификувале во нашето Собрание, ќе го исполниме. Другите прашања ќе ги решаваме во билатерален формат со Бугарија. Имаме гаранција дека ги имаме напишано на хартија сите чекори. Сѐ што е во преговарачката рамка е вообичаено за процесот на преговори, а деталите ќе ги објасниме по оваа прес-конференција – рече Маричиќ.

На прес-конференцијата збор зеде и министерот за надворешни работи Бујар Османи:

– Ако Владата ме информира дека го одобрува протоколот, тогаш јас уште веднаш можам да го започнам процесот за организирање меѓувладина конференција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг