Ракот на кожата е специфичен тип на болест која, за жал, многумина не ја ни забележуваат додека не добие поголеми размери.
Во последните неколку години, статистиката за рак на кожа е зголемена, за што придонело посилното сончево зрачење и сè попопуларната употреба на солариуми.
Затоа, важно е да се внимава со појавата на нови бенки, пеги, флеки и други необични промени на кожата, бидејќи доколку навреме се открие, лекувањето на ракот на кожата е многу полесно.
Кога туморот е тенок и не може да покрие поголема површина на кожата, помала е веројатноста да се прошири на други делови од телото, бидејќи ако тоа се случи, потешко е да се контролира.
Како што пренесува „Mirror“, повеќе од 86 проценти од случаите на рак на кожата се предизвикани од прекумерно изложување на сонце, додека втората најчеста причина за меланом е одењето во солариум.
Експертите велат дека меланомот најчесто се појавува на кожата на стапалата, а бенките кои се обично безопасни може да содржат канцерогени клетки.
Американската академија на дерматолози укажува на следните промени на кожата кои би можеле да сугерираат на појава на меланом:
- асиметрија;
- промени околу работ на бенката;
- промена на боја;
- зголемување на бенката;
- израсток кој расте и се менува со текот на времето.
Доколку забележите некакви промени во големината, обликот или бојата на бенката или дамките на кожата, неопходно е да се консултирате со дерматолог. Симптомите за кои исто така треба да се грижите се ако промената крвари, чеша или се формираат красти.