Ковачевски: Со меѓународната поддршка „Отворен Балкан“ е двигател на евроинтеграциите за регионот

Макфакс

08/06/2022

15:56

2.455

Големина на фонт

а а а

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на агендата на самитот „Отворен Балкан“, се обрати на тркалезната маса, на која присуствуваа претставници на дипломатските претставништва и на меѓународните организации застапени во регионот.

Во своето обраќање Ковачевски се заблагодари за поддршката за „Отворен Балкан“, која како регионална иницијатива е насочена кон, како што рече, олеснување на трговијата и поттикнување на економскиот развој во регионот.

„Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера за нашите луѓе веднаш да ги почувствуваат придобивките од она што го нудиме. Очекуваме тие придобивки да бидат почувствувани и во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на животот на милиони граѓани“, истакна премиерот и додаде дека иницијативата е отворена за сите земји од регионот.

Ковачевски потенцира дека од политички аспект „Отворен Балкан“ е насочен кон забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и кон придонесување за секоја од земјите на нејзиниот пат кон членство во ЕУ во разумен временски период.

„’Отворен Балкан’ е наш автентичен континуитет на Берлинскиот процес. Со меѓународната поддршка на иницијативата ја засилува европската интеграција на регионот и е во целосна усогласеност со европските политики и регулативи“, посочи премиерот.

Ковачевски уште додаде дека „Отворен Балкан“ продолжува понатаму со отворање нови можности за граѓаните од регионот, како што се соработката во туризмот, поголема културна соработка во регионот и креирање заеднички календар на културни настани, што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.



Спонзорирани линкови

Маркетинг