Службеник на Мариупол: Ова е сега град на духови

Точка

25/05/2022

09:41

3.369

Големина на фонт

а а а

Градските службеници во Мариупол, украинскиот пристанишен град на Азовското море, веруваат дека во тој град во текот на три месеци војна биле убиени 22.000 жители, рекол за „CNN“ советникот на градоначалникот, Петро Андрјушченко.

„Мариупол сега е град на духови“, навел тој.

Според неговите зборови, бројот од 22.000 жртви е заснован на многу контакти кои тој и други градски службеници ги имаат со оние кои останале заробени во Мариупол. Меѓутоа, тој верува дека реалниот број би можел да биде многу повисок.


Андрјушченко рекол дека процесот на повторно погребување на загинатите е отежнат поради инсистирањето на руските службеници пронајдените тела да се пренесат во мртовечница и лицето кое сака да го преземе телото мора да се согласи да сними видео во кое ќе каже дека загинатиот бил убиен од украинската војска.

На основа на информациите собрани од неговите извори, Мариупол е вратен во Средниот век.


„Во градот е мрачно. Единствените светла се од руските војници и руските патроли. Насекаде има мирис на смрт и оган“, рекол Андрјушченко.

Тој додава дека неговите контакти го опишуваат градот како погоден од хуманитарна катастрофа и многу малку контакт со надворешниот свет. Мобилната телефонија допрва почнува повторно да се воспоставува.


Навел дека и жителите не можат слободно да се движат, како и дека се потребни посебни пропусници за било какво движење во градот.

Мариупол бил центар на жестоки, повеќемесечни борби меѓу украинските и руските сили.

Официјално паднал во рацете на Русите минатиот петок, кога последната група украински борци од челичаната Азовстал се предала.