Макрон не може сам

Точка

28/04/2022

21:00

94.129

Големина на фонт

а а а

Во денешната ЕУ од 27 држави членки, француско-германскиот пар не е доволен. Европското „ние“ не може да биде само комбинација од француското „nous“ и германското „wir“.

„Успеавме. Ја претворивме Европската унија во џин, способен да се одржи во светот на џинови како што се Кина и САД“. Дали францускиот претседател ќе може да го каже ова во 2027-ма година, кога ќе ја резимира деценијата на функцијата? Многу работи ќе зависат од тоа што подразбира под тоа „ние“.

„Европскиот суверенитет“ е изразот на Макрон за џин во светот на џинови. Стратешкиот суверенитет подразбира дека не зависи од Русија за енергија, од САД за безбедност или од Кина за корпоративен профит. Тоа би значело дека европската надворешна и безбедносна политика се доволни силни да одвратат агресори како што е Владимир Путин, дури и во случај САД повторно да го изберат Доналд Трамп во 2024-та година. Исто така тоа би значело дека ЕУ не се потпира на други земји за микрочипови, вештачка интелигенција и дигитални платформи. Накратко, тоа е нешто друго од тоа што е Европа денес.

Макрон моментално е единствен голем европски лидер со визија, амбиција и искуство одлучно да ја насочи Европа во таа насока, но пречките се огромни. Една од нив се укажала на претседателските избори минатата недела, со висок процент на апстиненти и оние кои ја поддржуваат Марин Ле Пен, неговата националистичка противничка.


Доблестите на Макрон се истовремено и неговите мани. Полн е со подготвеност за акција, амбиција, енергија и самоувереност. Но често делува арогантно, јупетирајнски, неонаполеонски – и затоа иритира многу свои сонародници и Европејци. Изразот „ние“ на Маркон пречести звучи на кралско „ние“, односно „јас“. Да го парафразираме Луј XIV: L’Europe, c’est moi.

Тој знае дека Германија му е потребна. Неговата прва официјална посета по инаугурацијата во мај ќе биде во Берлин: Европа повторно ја предводи француско-германски пар. Во германскиот канцелар Олаф Шолц ќе најде поподготвен партнер од Ангела Меркел. За Шолц, зајакнувањето на ЕУ, е централна точка на програмата.

Шолц моментално минува низ лош период и изгледа дека нема одговор на најголемиот воен судир на територија на Европа по 1945-та година. На дијаметрално спротивна страна е украинскиот претседател Володимир Зеленски кој во време на мир бил прилично неефикасен, за во војната да стане врвен лидер. Шолц се подготвувал за класичен миротворен лидер. Првите денови од избивањето на војната делувал одлучно, а светската публика дознала нов германски збор: Zeitewende, епохален пресврт. Меѓутоа, тој останува нејасен во врска со важните прашања за увозот на руските енергенти и испораката на оружје за Украина. Состанокот со Макрон е можност за европски рестарт на Шолц. Една од првите работи кои заедно треба да ги направат е заедно да го посетат Зеленски во Киев.


Сепак, во денешната ЕУ од 27 држави членки, француско-германскиот пар не е доволен. Европското „ние“ не може да биде само комбинација од француското „nous“ и германското „wir“. За среќа, при рака имаат некои одлични колеги. Италијанскиот премиер Марио Драги, за разлика од Шолц, вешто ја извел транзицијата од мирољубив економски менаџер, до остар, похрабар стил на раководење неопходен во време на војна. Шефовите на владите како што се Пeдро Санчез во Шпанија, Марк Руте во Холандија и Каја Калас во Естонија се сериозни партнери за широко европско „ние“. Европа секогаш најдобро функционира со коалиција на амбициозни национални влади, со поддршка на бриселските институции. Ако британските ториевци конечно соберат пристојност и храброст да се ослободат од Борис Џонсон, ЕУ би можела да добие стратешки партнер од другата страна на Ла Манш, барем по прашањето за безбедноста, енергијата и животната средина.

Премиерот со најдолг стаж во ЕУ, Виктор Орбан, е навистина проблем. Добра вест е дека унгарскиот моќник ја губи поддршката во централна Европа. На денот на француските избори, Словенија гласала против уште еден популистички сојузник на Орбан, Јанез Јанша. На Орбан му се потребни фондовите на ЕУ кои моментално се блокирани. Макрон, Шолц и колегите треба да соберат храброст да му кажат дека неговата закана со вето на дополнителните санкции за Русија е неприфатлива.


Во основата на проблемот со колективната акција со која Макрон се соочува во Европската унија, лежи подлабок предизвик кој е јасно видлив во неговата земја. Дури и таму каде што одлуките на ЕУ се веќе европски, политиката и натаму е национална. Во поголема или помала мера, сите западни демократии се потресени од националистички, анти-либерални, антицентристички политики какви во Франција претставува крајната десница на Ле Пен и Ерик Земур и крајната левица на Жан-Лик Меланшон. Тие тројца кандидати во првиот круг добиле вкупно 52 проценти од гласовите. Ако се соберат бројките од 13,3 милиони луѓе кои гласале за Ле Пен во вториот круг во неделата, 13,7 милиони кои биле воздржани и 2,2 милиони бели гласови, добиваме многу повеќе од 18,8 колку што добил Макрон.

Макрон во јуни го очекуваат парламентарни избори и воопшто не е извесно дека неговата партија ќе обезбеди оперативно мнозинство. Во меѓувреме анкетите во Италија укажуваат дека десничарските партии „Frateli d’Italia“ и „Lega“ заедно имале 38 проценти од гласовите и можност да формираат италијанска влада по парламентарните избори.


Распространетото незадоволство од либералниот центар и Европа има многу причини. Меѓу другото, треба да се имаат предвид долгорочните социјални и културни ефекти на концентриран облик на глобализација кои ги претставува ЕУ: фактот дека од глобалната финансиска криза во 2008-ма година богатите излегле побогати, а сиромашните посиромашни; влијанието на ковид над економијата; и на крај, војната во Украина која ги крева цените на енергентите, а со самото тоа и трошоците за живот. Најлошото допрва доаѓа. Ако внатрешната политика во само неколку држави членки на ЕУ повторно тргне по лош пат, европската агенда на Макрон ќе биде уште потешко да се оствари.

Макрон потсетува на херојска слика од Наполон кој ги минува Алпите на бел коњ, додека со пружена рака покажува кон врвовите на иднината. Реалноста повеќе личи на нетрпеливи туристи заглавени во колона со електрични возила – додека на нејзино чело нема секогаш да биде „Renault“, заклучува колумностот на „Vjesti.me“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг