Со „Христос воскресна“ православните го празнуваат Велигден

Нетпрес

05/05/2024

12:39

1.237

Големина на фонт

а а а

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!


Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението. Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сè до Христовото вознесение, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето нè потсетува на крвта Христова и спасението.

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Величетврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв.

Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Величетврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Величетврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.


Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието.

Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос воскресе.

Потоа му раскажала за сè што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос воскресе – вистина воскресе!

Велигден или Воскресение Христово е најважниот верски празник во православниот календар. Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на Исус Христос, кое се случило по неговата смрт со распнување околу 27-33 година п. н.е. Тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, сметајќи го и денот на смртта т.е. првиот ден недела по Велики петок.

Православните христијани на тој ден се поздравуваат со поздравот „Христос воскресна“ на што се одговара „Навистина воскресна“

Велигден и празниците кои се поврзани со него се подвижни празници, тие не паѓаат на ист датум секоја година според грегоријанскиот (цивилниот календар) или јулијанскиот календар (кои го следат движењето на Земјата околу Снцето и годишните времиња). Тие се фиксни според месечевиот календар кој е сличен, но не ист со еврејскиот календар.

Велигден се празнува по еврејскиот празник Пасха (хеб. песах), во првата недела по полна месечина, којашто е на самиот ден на пролетната рамнодневница или непосредно по неа. Во периодот од 1900 до 2100 година Велигден може да се падне помеѓу 4-ти април и 8-ми мај.


Во православието, подготвувањата започнуваат со Великите пости. По петтата недела (ден) од великите пости доаѓа Цветната недела, која завршува со Лазарова сабота. Овој ден го означува завршетокот на Великите пости, иако празникот продолжува и следната недела.

Потоа доаѓа празникот Цветна недела (Цветници), Светла седмица, и најпосле самиот Велигден, и постот прекинува веднаш по Божествената литургија. По Велигден следи Томината недела, за време на која нема постење дури ни во среда и петок.

Велигденската служба започнува на полноќ (почеток на Велигденското утро). Со тоа што оваа служба е на полноќ, така што ниедна литургија нема да дојде пред неа изутрината. Тоа се должи на фактот што Велигден се смета за „Празник над празниците“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг