Ова се најпаметните луѓе на сите времиња: На листата од 24 личности, 4 се жени, а има и еден Србин

Точка

28/04/2022

11:30

21.703

Големина на фонт

а а а

Интелигенцијата може да се мери на различни начини. Некои веруваат во тестови за интелигенција, други повеќе внимание им придаваат на емоционалната и социјалната интелигенција итн.

Исто така, има нешто и во достигнувањата. Да се биде интелигентен не е исто што и користење на таа интелигенција да создадете нешто што никој друг не го создал, да го унапредите човештвото, да бидете „попаметни од сите“...

Многу луѓе не го исполнуваат својот потенцијал. Вистина е дека и предрасудите и недостатокот од можности ги спречуваат некои брилијантни луѓе да го остварат својот полн потенцијал и да бидат препознаени како гении.

Сепак, користејќи ги сите критериуми кои се на располагање е направена листа од најпаметните луѓе во историјата.

Напомена: Иако IQ тестирањето е развиено дури кон почетокот на 20-тиот век, дополнителни студии го проценувале коефициентот на интелигенција на некои значајни луѓе од минатото. Генерално, секој кој на тестирањата има коефициент на интелигенција над 140 се смета за гениј.

Еве ја целосната листа:

24. Вилијам Сидис (1898-1944)

Американското чудо од дете, чиј IQ бил наводно помеѓу 250-300, имал извонредни математички способности. Тој се запишал на Харвард на 11 години и тврдел дека знае 40 јазици. Професорите предвидувале дека младиот Сидис ќе стане најголемиот математичар на 20-от век, но не продолжил да го развива својот талент. Тој работел нископлатени физички работи и имал проблеми со законот.


23. Џудит Полгар (родена 1976)

Унгарската шаховска велемајсторка се смета за најдобра шахистка на сите времиња. Таа го соборила рекордот на светскиот шампион Боби Фишер и станала велемајстор на само 15 години. Нејзиниот коефициент на интелигенција изнесувал 170.

22. Филип Емегвали (роден 1954 година)

Нигерискиот пронаоѓач и научник со IQ од 190, е прогласен за „најголемиот африкански научник на сите времиња“.

21. Теренс Тао (роден 1975)

Кинезот кој е роден во Австралија, е некогашно чудо од дете чии IQ резултати се движат од 220-230. Тој денес работи како професор по математика на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.

20. Клеопатра (68-30 пр.н.е.)

Како последен фараон во птолемејскиот Египет, Клеопатра владеела речиси 30 години. Течно зборувала 5 јазици и имала IQ од околу 180. Таа исто така била позната по врските со Јулиј Цезар и Марк Антони.


19. Шриниваса Рамануџан (1887-1920)

Индискиот математичар дал голем придонес во областите како што се теорија на броеви, континуирани дропки и бесконечни низи, и покрај тоа што немал формално математичко образование. Неговиот проценет коефициент на интелигенција е 185.

18. Гари Каспаров (роден 1963)

Ерменскиот Евреин, многумина го сметаат за најдобриот шахист на сите времиња, со коефициент на интелигенција кој наводно бил 190. Тој беше играч број еден во светот речиси две децении, освојувајќи го за првпат светското првенство на само 22 години.

17. Арјабата (476-55)

Веројатно најраниот индиски математичар и астроном. Тој ја пресметал вредноста на бројот π (пи) и ја развил употребата на нулата.

16. Волтер (1694 - 1778)

„Волтер“ всушност бил неговиот псевдоним бидејќи бил роден како Франсоа-Мари Ару. Водечка фигура на француското просветителство со коефициент на интелигенција од 190 до 200. Волтер бил духовит писател, историчар и филозоф.


15. Хипатија (350-70 - 415)

Грчка астрономка, филозофка и математичарка која живеела во Египет, а подоцна и во Источното Римско Царство. Таа била првата жена математичар за која знаеме, со проценет коефициент на интелигенција од 170-190. Хипатија била обвинета за вештерство и брутално убиена од група христијански фанатици.

14. Јохан Гете (1749-1832)

Германскиот ерудит со запазени достигнувања во науката, се смета за еден од најголемите таленти во западната литература. Неговиот проектиран коефициент на интелигенција е 213.

13. Авицена или Ибн Сина (980-1037)

Персискиот ерудит се смета за еден од најважните мислители на златното доба на исламот. Пишувал за филозофијата, медицината, астрономијата, алхемијата, логиката, математиката, физиката, психологијата и други предмети. Особено е познат по неговата работа на аристотеловата филозофија и неговите медицински книги кои станале стандард на средновековните универзитети.

12. Галилео Галилеј (1564-1642)

Еден од најважните научни херои на сите времиња. Дал значаен придонес во различни области, од астрономија преку физика до математика и филозофија. Поради залагањето за хелиоцентризмот, т.е. теоријата дека Земјата се врти околу Сонцето, а не обратно, Римската инквизиција го означила како еретик. Неговиот опсег на коефициент на интелигенција е 180-200.


11. Готфрид Вилхелм Лајбниц (1646-1716)

Уште еден германски ерудит - филозоф и математичар кој е најпознат по својата инфинитезимална пресметка. Неговата филозофска работа е позната по заклучокот дека сме живееле во најдобриот можен универзум кој Бог можел да го создаде. Неговиот коефициентот на интелигенција изнесувал од 182 до 205.

10. Никола Тесла (1856-1943)

Пронаоѓач и футурист, познат по наизменичната струја, безжичниот пренос на енергија, „зракот на смртта“, како и по предвидувањето на паметните телефони, дронови и други технологии. Неговиот коефициент на интелигенција бил проценет на 195.

9. Сатиендра Нат Бозе (1894-1974)

Индиски физичар чија брилијантна работа на квантната механика со Алберт Ајнштајн резултирала со Бозе-Ајнштајновата статистика. Хипотетичката елементарна честичка бозон го добила името по него.

8. Марија Кири (1867-1934)

Марија Кири, полска физичарка и хемичарка, е првата жена која двапати добила Нобеловата награда. Таа ја развила теоријата за радиоактивност (го измислила терминот) и открила два елементи (полониум и радиум). Нејзиниот проценет коефициент на интелигенција е 180-200.


7. Конфучиј (551 п.н.е. - 479 п.н.е.)

Влијателен кинески филозоф и учител, познат по своите популарни афоризми. Неговите морални и политички учења имале големо влијание низ Источна Азија. Некои понови научници тврдат дека поголемиот дел од она што го знаеме за Конфучиј е мит.

6. Алберт Ајнштајн (1879-1955)

Веројатно најпознатиот научник кој некогаш живеел. Ајнштајн ја развил општата теорија на релативноста, ја добил Нобеловата награда за физика во 1921 година и имал револуционерно влијание врз науката. Неговиот коефициент на интелигенција се проценува помеѓу 160-190.

5. Вилијам Шекспир (1564-1616)

Шекспир се смета за најголемиот писател на англиски јазик и еден од најпопуларните и најценети светски драмски писатели. Со приближен коефициент на интелигенција од 210, Шекспир ги напишал класичните драми кои се изведуваат и денес, како што се „Ромео и Јулија“, „Хамлет“ и „Магбет“.


3-4. Платон (427-347 п.н.е.) и Аристотел (384-322 п.н.е.)

Платон и Аристотел биле грчки филозофи кои имале големо научно влијание во средниот век. Платон бил клучна фигура во западната наука, математика и филозофија, пишувајќи низа познати дела како „Република“. Аристотел бил ученик на Платон, бидејќи тој бил дел од Платоновата Атинска академија повеќе од 20 години. Аристотел имал големо влијание врз развојот на западната филозофија и наука, пишувајќи за физика, биологија, метафизика, логика, театар, естетика и други теми. Коефициентот на интелигенција на грчките мислители е помеѓу 180-190.

2. Сер Исак Њутн (1642-1726)

Англискиот физичар и математичар е најпознат по откривањето на гравитацијата и е еден од најпознатите и највлијателните научници на сите времиња, Њутн имал проценет коефициент на интелигенција од 193. Неговата книга „Philosophia Naturalis Principia Mathematica“ бил основен текст на класичната механика кој влијаел на научната мисла повеќе од 300 години.

1. Леонардо да Винчи (1452-1519)

Италијански ренесансен човек кој се истакнал во различни области - од наука преку сликарство и вајарство до изуми. Неговата слика „Мона Лиза“ е веројатно најпознатото уметничко дело во светот. Коефициентот на интелигенција на човек кој бил можеби најталентираната личност некогаш бил околу 200.