За рубриката „верувале или не“: Болница во Хрватска бара психијатар, услов е положен испит за – градежен техничар

Точка

25/03/2022

18:46

17.192

Големина на фонт

а а а

На страницата на Хрватскиот завод за вработување се појавил еден, во најмала рака, необичен оглас.

Имено, во огласот е наведено дека се бара доктор/ка по медицина за работно место специјализант по психијатрија во психијатриската болница во Угљан, но условите кои работодавецот ги бара од потенцијалниот иден работник не се услови кои би ги очекувале, пишува хрватскиот „Индекс“.

Кај степенот на образование е наведено дека е потребно кандидатот да има завршен факултет, магистерска или докторска титула, но исто така е потребно да има и положен стручен испит – за градежен техничар.


Работното искуство не е важно, иако според огласот се чини како сосема можно лицата со искуство во градежништво да имаат предност помеѓу кандидатите.

Новинарите на „Индекс“ испратиле молба до психијатриската болница да им ја објаснат ситуацијата, но не добиле никаков одговор.

Само еден од бизарните огласи во низа

Овој оглас не е единствениот бизарен оглас кој го насмеал или налутил регионот. Имено, кон крајот на 2021 година, луѓето на социјалните мрежи масовно споделуваа оглас од едно кафуле во кое се барало од вработените да не плачат.


Две години претходно, една ИТ компанија од својот иден работник барала да биде белец, а во 2017 година многумина останаа збунети од бизарните услови кои ги поставил еден работодавец за работа во кујна.

Имено, тој таксативно навел дека не сака да ја додели работата на „свежо разведени, работници од обложувалници, работници кои планираат да заработат за карта до земјата на соништата (Германија), како и оние кои планираат да заработат за фустан и да отидат на венчавка, а потоа повторно кај мама и тато“.