Играњето со ритамот може да биде опасно: Летното сметање на времето започнува во недела, а ова се предностите и мааните на поместувањето на часовникот

Точка

22/03/2022

16:11

108.698

Големина на фонт

а а а

Летното сметање на времето е за првпат воведено во Германија во 1916 година како начин работниот ден што повеќе да се одвива на денска светлина, а потоа и другите држави го следеле примерот.

Оттогаш напролет ги поместуваме часовниците еден час понапред, а наесен еден час поназад. Ноќта помеѓу сабота и недела во 2 часот наутро, часовниците ќе се сменат на 3 часот.

Луѓето и животните имаат природно чувство за време, циркадијален ритам кој се развива пред раѓањето. Тоа е важен дел од нашето битие и играњето со тој ритам може да биде опасно. Истражувачите забележале пораст на бројот на сообраќајни несреќи и срцеви удари кога часовникот се поместува еден час понапред – повеќе отколку кога се поместува поназад.

Од друга страна, општествата тежнеат да го капитализираат ограниченото време од денот, односно сончевата светлина. Во тоа време треба да работите и да бидете активни на други начини.

Така, во последните неколку години дојде до поделба – голем број земји од кои некои се во ЕУ, сакаат да го укинат летното сметање на времето. Турција и делови од Канада веќе го направија тоа.


Други, вклучувајќи ги САД, не размислуваат на такво нешто. Низ американскиот Сенат со едногласна одлука помина „Sunshine Protection Act“ кој предвидува смената на летното и зимското сметање на времето да остане задолжителна. Тоа наскоро би можело да стане закон.

Во прилог на поместувањето на часовникот

Најстариот аргумент на заговорниците за поместување на часовникот било и останало тоа што промената е добра за економската активност.

Друг аргумент е подолг ден – еден час повеќе сончева светлина попладне или навечер. Секако, тоа не е навистина еден час повеќе бидејќи не влијаеме на Сонцето, но одлучуваме кога ќе го започнеме работниот ден, а кога имаме време за разонода и одмор.

Да речеме, повеќе светлина по работното време поттикнува потрошувачка бидејќи луѓето подолго време се задржуваат на шопинг и во кафулиња и ресторани. Но, и повеќе се занимаваат со спорт.

Една од предностите е што користиме помалку вештачко светло и електрична енергија. Но, тоа зависи и каде живееме. Околу Екваторот скоро и да нема разлика.

Тука се и здравствените аргументи: сончевите зраци нѝ даваат витамин Д кој помага во апсорпција на калциумот, а тој ги зајакнува коските. Природната светлина е добра за видот, особено кај децата.

Повеќе дневна светлина го поттикнува сонот кога ќе легнеме во кревет, а тоа го подобрува расположението и може да помогне со психички проблеми како депресија.


Лошите страни на поместување на часовникот

Заштеда на енергија? Има различни докази. На пример, Турција воведе постојано летно време во 2016 година, тврдејќи дека тоа би можело да заштеди електрична енергија. Но, кога истражувачите ставиле сè на хартија, виделе дека ништо не се заштедило.

Поинаку вели американското Министерство за енергетика во една студија од 2008 година во која се тврди дека за само 4 недели при летното сметање на времето во САД се заштедиле 1,3 милијарди киловат-часа електрична енергија, што одговара на количина на струја која 100.000 домаќинства ја трошат за цела година.

Можеби сè зависи од тоа каде живеете и каква е економијата во таа земја.

Во лошата страна се вбројуваат и здравствените ризици кои научниците ги поврзале со преоѓањето на летно сметање на времето. Тогаш по правило се случуваат повеќе срцеви и мозочни удари и други кардиоваскуларни проблеми.


Американска студија од 2018 година открила дека бројот на приеми во болница поради фибрилација на срцевите преткомори – вид нарушување на срцевиот ритам – расте по поместувањето на часовникот напролет. Таквата фибрилација може да доведе до крвни згрутчувања, шлогови или престанување на работата на срцето.

Вообичаени се и проблемите со сонот додека организмот не се навикне на летното време, а тоа може да влијае на меморијата, концентрацијата или брзите реакции, на пример во возењето.

Летното сметање на времето наводно ги зголемува и ризиците од депресија. Една данска студија од 2017 година наведува дека промената на часовникот предизвикува „зголемување на инциденциите на депресивни епизоди бидејќи транзицијата кон летно сметање на времето влијае на циркадијалниот ритам“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг