Жителите на Ротердам повикуваат на гаѓање на суперјахтата на Безос со расипани јајца

Точка

08/02/2022

11:19

2.638

Големина на фонт

а а а

На Фејсбук е креиран настан со соодветно име - "Гаѓање на суперјахтата на Безос со јајца", за кој досега се пријавиле речиси 3.000 локални жители, а уште 10.000 најавиле дека се заинтересирани за учество.

Минатата недела било објавено дека историскиот, 114 години стар мост во Ротердам ќе мора да се демонтира за новата луксузна јахта на Џеф Безос да може да го напушти бродоградилиштето во кое е изградена.

Јахтата долга 127 метри ја гради холандската компанија "Oceanco", а кога ќе биде готова во текот на годината, пловилото со три јарбола ќе стане најголема едрилица во светот, пишува "Independent".

Мостот, кој локалното население го нарекува "Де Хеф", од долната страна е висок 39,9 метри, поради што суперјахтата на Безос вредна 500 милиони долари и висока 39,6 метри ќе биде тешко да се изнесе од бродоградилиштето.

Ако се реализираат плановите за дезмонтирање на мостот, жителите на Ротердам ветиле дека ќе излезат на улиците и ќе покажат што мислат за таквата одлука.


Мостот има долга историја

Во описот на настанот на Фејсбук со име "Гаѓање на суперјахтата на Безос со јајца", жителите се повикуваат да се појават со расипани јајца, или доколку се вегани, со расипани домати, и со сета сила да ја гаѓаат јахтата ако мине под "Де Хеф".

Организаторите во описот на на настанот напишале: „Ротердам го изградиле жителите на Ротердам од урнатини. Нема да расклопуваме историски мост, само поради еден мегаломански милијардер. Не без борба“.

Челичниот мост има долга историја, а денес е национален споменик. Претходно минал низ голема обнова поради што бил надвор од употреба од 2014-та до 2017-та, кога градските власти рекле дека повеќе нема да го расклопуваат.


Во меѓувреме тоа би можело да се случи уште еднаш, а ако се оствари планот, Безос ќе мора да ги плати сите трошоци.

Лидерот на проектот од локалната управа на Ротердам, Марсел Валравенс, рекол дека нема да биде практично изградбата на јахтата да се доврши на друго место.

Пред да се донесе конечната одлука за демонтирање на мостот, холандските власти ќе земат во предвид низа факти, вклучувајќи го и влијанието кое таквата операција би можела да ја има на околината и локалната економија, пишува "CNN".