„Долгиот Нептун“ успешно ги поминал сите тестови и веќе бил користен во борба, изјави неодамна украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Тоа е нова украинска ракета, прецизен удар. Дострелот е 1.000 километри. Голема благодарност до нашите украински програмери, производители и војската“, напиша тој на Телеграм. Зеленски не даде никакви дополнителни детали за ракетата или нејзината цел.
Аналитичарите на „OSINT“, кои собираат јавно достапни информации, и медиумите објавија дека Украина ја искористила ракетата за да ја погоди нафтената рафинерија во Туапсе, Русија, на Црното Море, на околу 550 километри од линијата на фронтот. Според регионалните руски власти, во текот на викендот избувнал пожар во рафинеријата. Експертите со кои разговарал Дојче Веле сметаат дека во нападот бил употребен понатамошен развој на противбродската ракета Нептун Р-360, пренесе ДВ.
Украина работи на модификации на Нептун
Крстосувачката ракета R-360, развиена од дизајнерското биро Луч во Киев, украинските вооружени сили ја користат од 2020 година. Заедно со системот RK-360MC, го штити брегот со откривање и уништување на непријателски бродови. Ракетата има боева глава од 150 килограми и дострел до 300 километри.
Нејзината прва борбена мисија беше во април 2022 година против руската фрегата „Адмирал Есен“. Набргу потоа, веројатно најзначајниот настан во руско-украинската војна се случи кога два од овие противбродски ракети го потопија рускиот крстосувач „Москва“, вреден приближно 750 милиони долари.
Меѓутоа, украинските дизајнери не застанале таму, па така претставија уште една модификација на Р-360 во 2023. Таа може да погоди не само бродови, туку и копнени цели. Како што изјави анонимен претставник на украинското Министерство за одбрана за американскиот портал „The War Zone“, таа има дострел од 400 километри и може да носи боева глава тешка 350 килограми, што е 200 килограми повеќе од противбродска ракета.
Оваа ракета била користена неколку пати од страна на украинската војска, вклучително и во септември 2023 година против рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400 и аеродромот Саки на окупираниот Крим. Украинските инженери сега очигледно развиле нова верзија на ракетниот систем Нептун, тврдат експертите со кои разговарал ДВ. Ракетата е дизајнирана да лета до илјада километри.
Што е со масовното производство?
Микола Сунхуровски, воен експерт од аналитичкиот центар „Разумков“ со седиште во Киев, за ДВ изјавил дека сега се' зависи од тоа дали ракетата може масовно да се произведува. Затоа што оружјето има смисла само ако се користи во големи количини. „Се надевам дека со комбинирање на технолошките, производствените и финансиските ресурси на Украина и нејзините западни партнери, ќе успееме да го зголемиме производството. Но, се поставува прашањето каде ќе бидат сместени производствените капацитети, бидејќи целата територија на Украина е гранатирана“, рекол експертот.
Сериското производство го смета за важно и Серхиј Шурез од украинската консултантска компанија „Defence Express“. Според него, Украина треба да произведува од 40 до 50 проектили месечно, колку и Русија. „Мораме да продолжиме со тоа темпо“, рекол тој, додавајќи дека, за разлика од другите типови, ракетата Нептун е поддржана од тим од искусни дизајнери. „На пример, за балистичката ракета „Сапсан“ се зборува веќе 15 до 20 години, но таа сè уште не постои“, додаде Шурез.
Може ли Киев без западните ракети?
Пред „Долгиот Нептун“, ракетите ATACMS и Storm-Shadow (SCALP) кои Западот му ги испорача на Киев беа оружјето со најдолг дострел што Украина можела да го користи против Русија. Според јавно достапни извори, тие имаат дострел до 300 километри.
Според извештаите на медиумите, украинските резерви на американски балистички ракети ATACMS се исцрпени од јануари 2025 година. Во моментов нема информации дали САД ќе продолжат да ги снабдуваат. Киев, исто така, има само мал број ракети „Storm Shadow“.
Затоа, експертите сметаат дека е позитивно што Украина сега има своја ракета со долг дострел. Сепак, тие велат дека таа не може целосно да го замени западното оружје. „Со оглед на потребата на украинските вооружени сили од ракети, не станува збор за замена на западните ракети. Станува збор за дополнување на помошта од Западот“, изјавил Сунхуровски.
Шурез истакнал дека сè уште има потреба од ракети кои Киев уште не ги добил, особено германските крстосувачки ракети Таурус. „Таурус може да достигне и до 600 километри, а неговата боева глава тежи 450 килограми. Иако дострелот му е помал од оној на „Долгиот Нептун“, Таурус има уникатна продорна боева глава специјално дизајнирана да уништува длабоки бункери. Таурус се издвојува по својата технолошка софистицираност и е најнапредната ракета досега“, објаснил Шурез.
Кои мети Украина може да цели?
Русија реагира на дострелот на украинското оружје и затоа ги поместува потенцијалните цели подлабоко на својата територија како авиони и одредени производствени капацитети, објаснил Сунхуровски. „Но, не можете да транспортирате рафинерија за нафта“, додал тој. Благодарение на „Долгиот Нептун“, многу цели во Русија станаа на дофат на Украина.
Досега Украина успеала само со беспилотни летала да достигне цели на оддалеченост од повеќе од 300 километри. Борбениот дрон „Љутиј“, развиен во Украина, лета на оддалеченост од 1.000 километри, а дронот „Нинџа“ постави рекорд удирајќи во погон на хемиската компанија „Гаспром Нефтекхим Салават“ во Русија на оддалеченост од 1.500 километри. Ова го објавија украинските медиуми, повикувајќи се на разузнавачката служба.
„Ќе продолжиме да напаѓаме со беспилотни летала, но тие можат да носат само мало количество експлозив до 50 килограми. Тие не можат да навлезат во утврден објект, дури и со неколку беспилотни летала истовремено“, објасни за радиостаницата „НВ“ украинскиот резервен мајор Олексеј Хетман, ветеран од руско-украинската војна. Тој претпоставува дека „Долгиот Нептун“ може да носи до 300 килограми експлозив. Затоа, како што рекол Хетман, таа може да уништи згради.
На повеќе од 300 километри се наоѓаат бројни руски логистички капацитети и, пред сè, индустриски постројки кои би требало да се уништат за да се води вистинска војна на исцрпување, рекол Шурез. „Токму тоа е она што Русија се обидува да го направи во Украина“, изјавил тој. Експертот нагласил дека со најновата модификација на Нептун, Украина би можела да погоди рафинерии, командни пунктови и складишта за муниција во Русија без да се надева на помош од САД или други земји.