Социјалните работници бараат поголема заштита по пукањето кон нивната колешка во Прилеп

Макфакс

25/03/2025

20:57

650

Големина на фонт

а а а

Социјалните работници од Прилеп, Неготино и Тетово застанаа зад нивната 36-годишна колешка од Прилеп, која вчера беше застрелана на работното место и повикаа на итни мерки за заштита.

Тие бараат нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.

„Вработените во Центрите за социјална работа секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме. Од ова место сакаме да изразиме силна осуда на говорот на омраза кој што континуирано се случува а ескалираше во вчерашниот ден на социјалните мрежи. Таквиот говор на омраза само ги охрабрува сите оние кои мислат дека се незадоволни и може да придонесе за ново насилство во било која институција“, изјави Марко Спиркоски, вработен во Центар за социјална работа Прилеп.

Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи Зоран Малкоски, пак, вели дека пукањето е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 центри за социјални работи низ државава. Тој не знае зошто не биле информирани за бегството на осомничениот од Психијатриската болница во Демир Хисар, а неговите обиди да стапи во контакт со директорот на Психијатриската болница биле безуспешни.

Социјалната работничка, која вчера беше повредена на работното место, е во стабилна состојба. Обвинителството покрена истрага против 50-годишниот прилепчанец кој се сомничи за кривично дело „ обид за убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи“. Се бара притвор.