Познатиот англиски новинар, Пирс Морган го искористи својот Твитер профил да упати жестоки критики на адреса на Новак Ѓоковиќ кој денеска и официјално го изгуби спорот со австралиските власти и ќе мора биде депортиран од Австралија.
Морган го нарече Ѓоковиќ лажго и измамник, притоа нагласувајќи дека последната одлука на судот во Австралија е правилно донесена.
По цели 12 дена голгота низ која минуваше Ѓоковиќ, утрово беше донесена одлука неговата виза сепак да биде укината и тој да ја напушти Австралија во најкраток можен рок.
– Измамникот на ковид правилата, лажгото за имиграционата форма и анти-ваксерската икона, Новак Ѓоковиќ ја загуби последната жалба против неговата депортација и ќе биде исфрлен од Австралија без да има можност да се натпреварува на Австралија Опен. Тоа е добро, -напиша Пирс Морган на својот Твитер профил.
Морган важи за човек кој нема „влакна“ на јазикот па и овојпат јавно и отворено го искажа своето мислење за ситуацијата која беше тема број еден во светот на спортот изминатиов период.