Кај пациентите со дијабетес тип 2, утврдено е дека чајот од камилица, еден од најевтините и секаде достапен, го спушта нивото на шеќер во крвта.
Дијабетес тип 2 е хронична состојба во која нивото на шеќер во крвта го доведува организмот во опасност, па доколку не се третира навреме и како што треба може да предизвика бројни компликации.

Постојат многу намирници и природни средства кои можат да помогнат нивото на шеќер во крвта да се држи под контрола, а еден од нив е и чајот од камилица.
Студија објавена во списанието „Исхрана“ утврдила дека три шолји чај од камилица дневно можат да му помогнат на телото да го држи нивото на гликоза во крвта под контрола.
Научниците во Иран анализирале податоци од 64 учесници на старост меѓу 30 и 60 години, поделени во две групи.
Првите во текот на два месеци секој ден пиеле по три шолји чај од камилица, веднаш по оброците, додека пак другите пиеле по една чаша вода по оброците.

Во првата група забележани биле подобри резултати кога станува збор за нивото на шеќерот во крвта и нивото на инсулин, а имале и повеќе антиоксиданти, супстанции кои спречуваат настанување штета во клетките.
„Краткорочното консумирање чај од камилица кај пациентите со дијабетес тип 2 има поволно дејство на нивото на шеќер во крвта и статусот на антиоксидантите“, заклучиле научниците во студијата.






