Јанакиевски: Груевски се интересираше за земјиште од 11.000 метри квадрати на Водно!

Точка

02/12/2021

16:27

4.930

Големина на фонт

а а а

Екс-премиерот на Македонија, Никола Груевски, обвинет во случајот "Плацеви на Водно", лично се интересирал за неколку земјишта од делот на Парк-шумата Водно.

Ова во денешниот исказ како сведок го наведе поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски.

Јанакиевски посочил дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква, дознал кога во рамките на Комитетот за градежна експанзија, ја посетиле општина Центар.

Јанакиески бил прашан од обвинителката Лиле Стефанова и за фирмата „ИТК Инженеринг ДООЕЛ Скопје”.

Јанакиески рекол дека едната парцела на Водно од околу 3 000 квадратни метри, која била државно земјиште, на јавно наддавање ја купила фирмата „ИТК инженеринг“ каде што сопственик или управител бил Александар Ивановски – Алек Теранова.


Бизнисменот за таа, како и за многу други локации, го контактирал да го праша за процедурите за јавно наддавање со оглед дека тогаш во 2012 година новина било воведувањето електронско наддавање. Јанакиевски додал дека и тогашниот премиер Никола Груевски го прашувал, но не само за таа туку и за други локации.

“Многу често со тогашниот премиер Никола Груевски, за многу објекти, тој ме прашуваше за архитекти, урбанисти итн. бидејќи Министерството за транспорт и врски издаваше лиценци. Конкретно, и за оваа локација ме имаше контактирано, но и за други. Јас му предочив неколку архитекти кои може да го изработат тој проект. Што се случи понатаму, не можам да кажам”, сведочеше Јанакиески.


"Со Никола Груевски и КГЕ се состанавме еднаш неделно, меѓу другото разговаравме и за земјиштата во Парк шумата Водно. Големината на парцелата беше 11.000 квадратни метри. Прашуваше за урбанизација. Му објаснуваа од законски аспекти како се урбанизира едно земјиште, дека на 10 години се носи Генерален урбанистички план. Тој беше на чело на Комитетот, зборувавме за илјадници локации", рекол Миле Јанакиески и додал дека освен за локациите на Водно, Груевски во една прилика го прашал и за земјиште во Крушево.


Судењето за "Плацеви на Водно" е во доказна постапка, односно се сослушуваат сведоци кои ги предложува обвинителството.

Случајот го води Илија Трпков, а обвинител е Лиле Стефанова.

Потсетуваме, според обвинението, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот”, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари”, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”




Спонзорирани линкови

Маркетинг