Фудбалската јавност уште минатата година ја критикуваше одлуката на „Франс Фудбал“ да не додели „Златна топка“ поради ситуацијата со пандемијата, со што веројатно пропадна и најголемата шанса признанието да заврши кај Роберт Левандовски.
Годинава, Левандовски остана на второто место, а лауреатот Лионел Меси самиот пред целокупниот аудиториум посочи дека полскиот репрезентативец треба да ја добие наградата за 2020 година, дури и со толку големо задоцнување.
Главниот уредник на францускиот медиум, Паскал Фере првпат јавно зборувал за оваа ситуација, но вели дека одговорните за изборот нема да избрзуваат со одлуките.
– Не можеме да бидеме сигурни дека Левандовски ќе беше победник минатата година.
– Нема да дознаеме бидејќи немаше гласање, но ако треба да бидам искрен, сигурно дека тој ќе беше фаворит за признанието.
– Она што го кажа Меси од говорницата беше убаво да се слушне, но ние нема да брзаме со одлуките. Сепак, историјата на изборот е поврзана со спроведено гласање, а не еднострана одлука, – изјавил Фере.