Обвинителството и полицијата истражуваат што точно се случувало минатиот викенд во извидничкиот камп и кои биле лицата кои под превезот на сексуална едукација барале од учесниците, шестанесет годишни деца да глумат секс пози, да одговараат на прашања од типот на број на сексуални партнери, да симулираат секс и да се соблекуваат.
Обвинителството отвори предмет, а полицијата ги повика организаторите на кампот од Првиот скопски извиднички одред каде викендов, според тврдењата на родители на дел од учесниците – шеснесет годишни деца, биле изложени на скандалозни призори, обуки и барања како дел од наводна сексуална едукација.
Од МВР за „Телма“ потврдиле дека во вторникот, родител на дете учесник во кампот пријавил во полиција, известено било Обвинителството по чиј налог се повикани на разговор одговорните лица во извидничкиот одред.
Еден од финансиерите на првиот скопски извдинчки одред е градот Скопје. Оттаму со реакција дека се оградуваат од ваквите активности.
„Сакаме да информираме дека во проектната документација доставена до нас, ја нема наведено спорната активност ниту имаат доставено каква било информација која би укажала на одржување на истата. Дополнително, учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот кој се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и не шокираше и нас како институција, Град Скопје го прекинува договорот со Првиот скопски извиднички одред“, известуваат од Град Скопје.
Родителите ги демантираат одговорните во кампот дека немало поплаки од децата.
Неколку деца кои минатиот викенд биле во кампот веќе го напуштиле одредот а родителите порачуваат дека обвинителството мора да ја заврши рабоптата за да се открие што точно се слулчувало во кампот во Градовци, Зелениково.