Бујар Османи, шефот на македонската дипломатија, утрово на аеродром ја испрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која продолжува на средби во соседна Србија.
Да ве потсетиме, агенцијата Ројтерс повикувајќи се на извори од Брисел, објави дека поради страв од можни реакции во земјите членки, Брисел повеќе не може да гарантира дека шесте балкански земји ќе бидат примени во ЕУ.
„Текстот на Ројтерс излезе во момент кога Претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен шета по Балканот. Тоа не смее да се игнорира. Не се знае дали има некаков интерен документ, но има теории. Оптимизмот на министерот ми се допаѓа, но да не заборавиме дека комисијата кажа дека самитот со Западен Балкан не е за проширување“, изјави за „Утрински брифинг“ новинарка и дописничка за МИА од Брисел, Тања Милевска, пренесува „Слободен печат“.
Бујар Османи во гостување во истата емисија, појасни за овој извештај дека сепак ЕУ е посветена на членството на регионот и ЕУ и дека таа опција е без алтернатива:
„Во подготовските на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ. Некои го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново, други го интерперетираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан. Која варијанта и да е, пораката не е добра, во смисла на унисоноста на ЕУ во односот на Западен Балкан, но не е ништо ново. Има земји членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може уште 6 нови земји членки да дојдат да се зачленуваат, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари“, објасни Османи, па продолжи:
„Ние тоа го потценуваме зошто од 2003 до денеска, но замислете ЕУ да каже нема понуда за членство на Западен Балкан. Сè додека доаѓа фон дер Лајен во Скопје и вели дека недвосмислена е поддршката ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме, докажеме и да ги убедиме дека ние заслужуваме да бидеме таму, бидејќи тоа не ни следува по дифолт“.
Извор: „Слободен печат“