Татко на средношколка од Скопје, за „Слободен печат“ сведочи дека неговата малолетна ќерка викендов доживеала шок од активности кои се случувале на извиднички камп организиран во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол“.
Според девојчето, кое се обратило до училишниот психолог со писмена изјава, а која родителот ја образложи во аудио разговорот со нашата редакција, активностите биле несоодветни, вклучувале соблекување на облеката и прашање колку сексуални партнери имале децата, глумење секс пози, сликање панорамска слика со секс пози до манастир.
Зоки Сиљковски од Прв скопски извиднички одред, не сакаше да го коментира конкретниот случај, затоа што, како што ни рече „не е сигурен дека зборовите кои му ги посочуваме како поплака од малолетничката и родителот се вистинити и навистина дадени“.
– Немам коментар зашто треба да се сретнеме со родителот за да ни предочи за што се работи. Не би можел да ви коментирам вас, бидејќи сте трета страна. Кога ќе стапиме во контакт со родителот ќе знаеме за што се работи и што точно посочува, ни рече Сиљковски.
Редакцијата на „Слободен печат“ заради заштита на идентитетот на малолетното дете, нема да објави информации за идентитетот на родителот иако ни се познати. Целото аудио сведочење слушнете го ТУКА.