Стравувајќи од реакциите на своите членки, Европската унија повеќе не може да гарантира членство за шесте држави од Западен Балкан, ги откриваат четири дипломати тие интерни документи.
Неуспешното усогласување на изјавите за самитот на ЕУ и лидерите на балканските држави на 6-ти октомври е најтежок момент во стратегијата на Европската унија за прифаќањето на Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија во својот клуб.
Застојот настанал во време на тензии на границите меѓу Србија и Косово.
Во подготовката на самитот ЕУ планирала декларација со која го повторува своето ветување дадено пред 18 години за недвосмислената поддршка за европската перспектива за Западен Балкан, стои во нацрт текстот од 11-ти септември во кој имала увид агенцијата "Reuters".
За таа изјава се расправало во два круга разговори, но договор не бил постигнат, велат дипломатите.
Земјите членки не ги изнеле своите гледишта, но познато е дека богатите северни земји како Данска, Франција и Холандија стравуваат од сценарио какво што се случило со пребрзото примање на Романија и Бугарија во Унијата во 2007-ма година и миграцијата на работници од истокот на Европа во Британија, што влијаело негативно на гледиштето на Британците кон ЕУ.
Постојат и други препреки, како на пример Бугарија, која се противи на прием на Македонија додека не се реши спорот околу јазикот.
Па дури и ако декларацијата конечно се усогласи и се прифати, непријатноста ја одразува парализата во планот на ЕУ да изгради круг на пријателства во тие земји нудејќи им блиски врски, трговија и помош.
Наместо тоа, Кина и Русија силно продираат со влијание и вложување. Во јануари Србија станала првата европска држава која примила кинеска вакцина против Ковид-19.
Дипломатите сметаат дека ЕУ индиректно предизвикува тензии во регионот со околу 20 милиони луѓе, бидејќи тие граѓани сонувале приклучување кон Унијата по крвавите војни во 90-тите години при распадот на Југославија.
"Состојбата на Балканот се влошува бидејќи во престолнините на ЕУ се губи интерес за нив", смета дипломатот, алудирајќи на последните тензии на границите меѓу Србија и Косово.
ЕУ и САД повикале на смирување на состојбата на Косово, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ја започнала тридневната посета на шесте држави од Западен Балкан за да им покаже дека Унијата и натаму е посветена на тој регион.