Александра Јанева за Точка: „Навистина ме повреди разделбата во моментот кога ја пишував оваа песна“

Точка

22/09/2021

22:48

251.238

Големина на фонт

а а а

После две победи на Макфест, Александра Јанева повторно се појави на фестивалот и преку стихови раскажа една многу лична, емотивна страна од нејзиниот живот.

Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев

Денот што нѝ носи“ е само уште една балада, која со сигурност ќе остане слушана и по завршувањето на „Макфест“ 2021.

Јанева за оваа песна го променила тимот со кој работеше претходно, па „Денот што нѝ носи“ е дело на уште еден докажан продуцент, Лазар Цветковски. Токму тој ја зема и наградата за најдобар аранжман на „Макфест“ 2021.


Голема е одговорноста да ѝ се претставиш на истата публика откако двапати досега си освоил прво место, но Јанева овојпат уште повеќе ги воодушеви сите присутни на „Макфест“.

„За мене победата не е освоено прво место на Макфест. Песната треба да живее и да допре до публиката. И по 5, 10, 20 години, треба да остане запаметена и на некој начин да ги трогне слушетелите“, нѝ вели Александра.

Александра, како двократен победник на „Макфест“, вели дека оваа година не ѝ била важна победата, колку што значење ѝ дава на емоцијата во песната.

„Има толку многу победнички песни сиве овие години на фестивалов, коишто не победиле, а јас сепак така ги доживувам. Имам две победи позади себе, сè што сега сакам е публиката да ја прими мојата емоција“, вели таа и додава:

„Оваа песна зборува за разделбите. Така и се чувствував. Навистина ме повреди разделбата во моментот кога ја пишував оваа песна. Му ја посветувам на мојот брат, којшто подолго време не е со мене, тој е во Америка. Би сакала само еднаш да го гушнам и да му кажам дека денот ќе нѝ донесе среќа и ќе нѝ донесе прегратка. Ќе го чекам тој момент“.

Како публика, додека ја следевме нејзината изведба - не ја знаевме причината за текстот на оваа песна, но, откако Јанева во ова ексклузивно интервју нѝ откри за што станува збор, го добивме и одговорот за неверојатната интерпретација, полна со емоции и силни вибрации кои допреа до секој од нас.

„Иако беше тешко да се контролира емоцијата на сцена, се радувам што успеав да допрам до поголемиот дел од публиката и што им се допаѓа оваа нова песна. Сепак се работи за еден нов тим, ова е мое прво остварување со Лазар Цветковски“.


Веројатно веќе знаете дека на овогодишниот „Макфест“ можевме да слушнеме многу квалитетна, поинаква музика, која треба да остане запаметена. Во морето на прекрасни песни, изведувачи и автори на музиката, Александра успеа да се одлучи за еден фаворит.

„Искрено имам неколку фаворити од фестивалов, се надевам дека сите тие песни ќе останат слушани. Ќе именувам само една личност којашто ми е многу, многу драга, многу слатка, толку млада, толку талентирана - Лара Иванова“.

Лазар Цветковски е новиот соработник на Јанева, а таа специјално за читателите на Точка најави многу нова музика од нив двајца во наредниот перод.

„Додека траеше целата оваа ситуација со пандемијава изминативе две години, со Лазар Цветковски направивме толку многу песни, меѓу кои и „Денот што нѝ носи“ - едвај чекам да ја споделам сета музика со публиката“, заклучува Александра Јанева за Точка.




Спонзорирани линкови

Маркетинг