Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушта собраниската седницата откако Џафери не го стави на дневен ред разрешувањето на Филипче

Нетпрес

14/09/2021

16:20

2.129

Големина на фонт

а а а

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија во вторникот собраниската седница откако парламентарниот спикер Талат Џафери не прифати да го стави на дневен ред нивниот предлог за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче.

„Имам две работи да кажам, прво поднесовме барање за точка на Дневен ред, која што е поднесена во редовен термин и која што од Ваша страна е одбиена како материјалот да е неуреден. Односно точката на Дневен ред беше одлука за разрешување на министерот за здравство и одлука за разрешување на заменик министерот за здравство согласно нивните оставки како носители на јавни функции за да не се повторам со членовите од Деловникот и Уставот врз основа на тие кои што ги спомнав. Вие истите не ги ставивте на гласање и материјалот е одбиен како неуреден на денешната седница. Второ, побарав еден час пауза за да може Владата оставките тврдат дека се депонирани во Владата да ги достават до Собранието како би можело да почне постапката во Собрание. Но, немаме информација, побарав информација и од Вас но не ја добив. И Вие продолживте со седницата да тече како да ништо не се случило“, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната седница.

Мицевски додаде дека моментот е премногу сензитивен и не треба да се игра со вакви работи. А, посебно не треба да се игра со оставки дадени од морална причина од страна на министерот и заменик министерот.

Вели дека Собранието како законодавен дом не треба да учествува во циркусот кој што премиерот Зоран Заев решил да го прави овој период.

„Ние како пратеничка група бидејќи не се почитуваат барањата на опозицијата, бидејќи не се почитува Деловникот и Уставот од страна на Владата кои што се должни да ги испратат тие материјали до Собранието, веднаш во рокови утврдени со Деловникот како што се дадени во основ на оставките во моментот кога се депонирани да бидат испратени до Собранието. Тоа не е испочитувано, ќе продолжи власта да си игра со јавноста, а моментов не е за игра. Од таа причина ние како пратеничка група на денешната седница ќе го искажеме нашиот револт и нема да учествуваме за денес во расправата и утврдувањето на Дневниот ред во точките на овој закон. Нема да прифатам ама никакво обвинување на опозицијата, за било какво обвинување дека ги кочиме процесите сите, или одредени закони кои што чекаат или треба да бидат во процедура, за тоа што сметам дека првично морално и безусловно требаше да биде констатација на оставките дадени од морална причина“, заклучи Мицевски.

Истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја напушта денешната седница, во текот на овој ден и нема да учествува во нејзиното продолжение за денес. А, секое обвинување на база на опозицијата за било што нема да биде прифатливо од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ќе оди на конто на владејачкото мнозинство.