Сопругата на претседателот на Хаити изнела страшни детали од бруталниот напад: Починал мислејќи дека ќе дојде некој да го спаси

Точка

03/08/2021

21:33

5.403

Големина на фонт

а а а

Првата дама на Хаити, Мартина Моиз е пронајдена како крвари на подот покрај телото на својот сопруг на 7-ми јули.

Кога претседателот на Хаити Жовенел Моиз бил брутално убиен во спалната соба минатиот месец, само неговата сопруга била со него и можела да види се. Таа знае што се случило подобро од било кој.

Таа го преживеала мистериозниот напад и живее за тоа убијците да се однесат пред лицето на правдата.

Во интервју за "CNN" таа ги опишала деталите од нападот и побарала помош за разрешување на убиството.


"Некој наредил и некој платил. Тоа се луѓето кои ги бараме. Сакам Советот за безбедност на ОН да помогне да се најдат тие луѓе", рекла таа.

Вдовицата на Моиз е единствен сведок на атентатот. Таа е единствена која најдобро ја познавала жртвата.

Знаела дека нешто не е во ред таа ноќ кога таа и нејзиниот сопруг слушнале автоматско пукање пред куќата во еден час по полноќ.


Кога сфатиле дека напаѓачите влегле во куќата, се обиделе, да се сокријат на подот зад креветот.

Дури ни таа тогаш не била свесна што се случува.

"Тогаш, не мислев дека ќе бидат во состојба да влезат во собата каде што сме ние, бидејќи имавме околу 30 до 50 членови на обезбедување во домот", рекла Моиз.


Сепак успеале, со помош на голем безбедносен пропуст кој властите на Хаити се уште не го објасниле.

Најмалку двајца припадници на обезбедувањето моментално се во затвор, вклучувајќи го и шефот на претседателското обезбедување Дмитри Харардо и координаторот на безбедност на палатата, Жан Лагел Цивил.

Од позицијата во која лежела на падот, раката и се скршила и почнала да крвави на неколку места, а можела да ги види само чевлите на напаѓачите. Проценува дека десетина мажи влегле во собата, зборувале шпански и барале нешто одредено.


"Влегоа во собата и бараа нешто бидејќи ги слушнав како велат "тоа не е тоа, тоа е тоа". Тоа значеше дека го најдоа тоа што го бараа", истакнала таа.

Дури после тоа го виделе претседателот на подот и направиле фатален телефонски повик, се потсетила таа.

"Беше жив тогаш: кажаа дека е висок, слаб и црн и можеби лицето од другата страна на телефонот одобри да се пука во него. И тогаш пукаа во него", се потсетила Моиз.


Нејзиниот сопруг бил застрелан 12 пати, а прострелни рани имал на главата, телото, нозете и рацете, се наведува во извештајот од истрагата.

Напаѓачите, како што рекла неговата сопруга, не му се обратиле ниеднаш на претседателот директно пред убиството.

"Кога го застрелаа, помислив дека е крај за двајцата. Ги затворив очите, не мислев на ништо. Помислив дека тоа нашиот последен ден", рекла таа.


Меѓутоа, напаѓачите си заминале. Мартина мисли дека верувале дека е мртва.

Дури и по нападот, обезбедувањето задолжено за заштита на семејството на претседателот на Хаити не пристигнале. На крајот ги пронашла домашната помошничка, а Мартина ја замолила да и донесе една од неговите кравати, за да го сопре крварењето од раката.

На крајот дошол тим од националната полиција, па Мартина прво била префрлена во локалната полиција, а потоа со авион префрлена во болница во Мајами, заедно со децата.

Додека рано наутро го напуштала својот дом, Моиз рекла дека ја изненадило отсуството на обезбедување на имотот.


Како што рекла, десетина чувари во главно биле стационирани во куќата, а нивните соби за одмор биле во подрумот на куќата, за да се обезбеди непречена смена.

"Чуварите не би заминале без наредба. Можеби примиле наредба да заминат, тоа го мислам јас. Ќе беше 50 против 28, ќе имавме повеќе луѓе од нив. Мислам дека претседателот почина со надежта дека неговиот тим ќе го спаси", рекла таа.

Властите на Хаити претходно соопштиле дека ниеден стражар не бил повреден кога напаѓачите ја пробиле главната капија, влегле на имотот, провалиле во куќата и ја барале спалната соба на претседателот.

Најмалку 24 полицајци се под истрага, рекол шефот на полицијата на Хаити, Леон Чарлс.



Спонзорирани линкови

Маркетинг