Статијата ја проследува годишнината од атентатот врз Киро Глигоров од 1995 година, кога беше извршен напад со автомобил-бомба во Скопје. Атентатот имаше сериозни последици со жртви и повредени, но сторителите сè уште не се познати, а случајот останува нерешен.
31 година од атентатот врз Киро Глигоров
Пред 31 година, на 3 октомври 1995 година, беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров. Тој го преживеа нападот со тешки повреди на главата, но во експлозијата загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот Илчо Теовски.
Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Атентатот се случи во 9:50 часот на улицата „Македонија“ во Скопје, пред хотелот „Бристол“. Глигоров со службеното возило се движел од својата резиденција кон Собранието.

Нападот бил извршен со автомобил-бомба. Во „цитроен ами 8“ биле поставени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач во моментот кога возилото на Глигоров минувало кон зградата на Собранието. Непосредно пред експлозијата, службеното возило на претседателот било забавено од автомобил „фиќо“.
Истрагата утврдила дека атентатот бил добро подготвен и организиран, но повеќе од три децении подоцна останува непознато кој стоел зад нападот. Истражната постапка против непознат сторител сè уште е отворена.
Во рамки на истрагата биле претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР спровело и повеќе информативни разговори со лица за кои постоеле сомневања дека би можеле да бидат поврзани со атентатот, но сите биле пуштени по испрашувањата.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст. Атентатот врз него и денес останува еден од најголемите нерасветлени случаи во поновата историја на Македонија.











