Неверојатна одлука на ЕХФ: Норвежанките казнети бидејќи не сакале да носат бикини на терен

Точка

21/07/2021

13:11

19.117

Големина на фонт

а а а

Норвешките спортисти, политичари и медиуми вчера и денеска изнесуваат критики на сметка на Европската ракометна федерација (ЕХФ) поради паричната казна која ѝ била доделена на женската селекција на песок, откако одбиле да го играат натпреварот за трето место на ЕП облечени во бикини.

Дисциплинската комисија на ЕХФ во понеделникот изрекла парична казна од 1500 евра, односно 150 евра по играч, поради кршење на правилата. Репрезентативките на Норвешка, на натпреварот за бронзен медал против Шпанија носеле шорцеви, наместо бикини кои се задолжителни.

Претставниците од ЕХФ велат дека станува збор за „непримерна облека која не е во согласност со единствените прописи дефинирани во правилата на ИХФ за ракомет на песок“.

„Таквата мачо визија за жените ѝ припаѓа на друга ера“, пишуваат медиумите во Норвешка.

Облеката во спортовите на плажа со години е тема на која се дискутира, а натпреварувачките го сметаат носењето бикини за понижувачки и непрактично.


„Ова е потполно смешно. Потребни се промени во ставовите во меѓународниот мачо и конзервативен свет на спортот“, напишал норвешкиот министер за култура, Абиџ Раџа, на Твитер.

Одбојката на песок во 2012 година ги промени правилата поврзани со носењето бикини, додека од ЕХФ наведуваат дека промената е можна само ако тоа е одобрено од страна на Светската ракометна федерација (ИХФ).



Спонзорирани линкови

Маркетинг