Видео/Фото: Апокалиптични сцени од Германија, поплавата уништила цели населби

Точка

16/07/2021

19:26

10.192

Големина на фонт

а а а

Германија се соочува со голема природна катастрофа која ја предизвикале обилните дождови и поплави. Бројот на смртно настрадани е повисок од 100, но се стравува дека дополнително ќе расте.

Најголеми поплави се забележани во покраините Рајна-Платинат и Северна Рајна-Вестфалија, каде се уништени цели населби. Ова се случува по рекордните количини на врнежи во делови од западна Европа, поради кои големите реки се излеале од своите корита. Метеоролозите предвидуваат продолжување на врнежите и во наредните денови, а водостоите во реката Рајна и нејзините притоки опасно растат.

Полицијата во Келн исто така известува за се поголем број на жртви од сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Во општината Хеимерзаим во близина на Бон околу 6.000 луѓе морале да ги напуштат своите куќи и станови, јавува дописничката на "DW", Мари Сина.

Властите во Германија наведуваат дека 1.300 лица засега се водат како исчезнати. На проблемите им нема крај бидејќи дошло до прекин во телекомуникациите и не може да се дојде до голем број на луѓе.

Голем број на куќи се поплавени, улиците се уништени, а се закануваат и свлечишта.

Германската канцеларка Ангела Меркел, која моментално се наоѓа во САД, смртоносните поплави во својата татковина ги нарекла катастрофа.

"Тука во Вашингтон моите мисли се со народот и татковината. Не знаеме уште точен број на настрадани, но ќе ги има многу. Некои се во подрумите од куќите, некои пожарникари се обидуваат да ги извадат", рекла Меркел.

Протекувањето на гас дополнително ја отежнува работата за спасувачките тимови кои се обидуваат со брод да дојдат до изолираните луѓе. Училиштата во западните делови на земјата се затворени, а голем број на патишта се целосно блокирани.

Се огласила и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која рекла дека ЕУ е подготвена да помогне.

"Моите мисли се со семејствата на жртвите во Белгија, Германија, Луксембург и Холандија и со оние кои ги изгубиле своите домови", напишала на Твитер поранешната германска министерка за одбрана, пренесува "Klix.ba".