Излезе од печат најновата илустрирана книга за деца „Сон на балон“ од Александра Велинова

Точка

23/04/2026

14:36

155

Големина на фонт

а а а

„Сон на балон“ , најновата илустрирана книга за деца од Александра Велинова, во издание на ИК „Едука Мак“, ќе биде промовирана во петок во 18 часот, на Саемот на книга во Промотивниот центар. Автор на илустрациите е Никола Темков.

Книгата обработува актуелна тема – иселувањето. Речиси и да нема дете што нема роднини, пријатели или блиски кои живеат во странство. Алексеј се охрабрува да се качи во волшебен балон и да тргне во потрага по своите другарчиња што се преселиле во Германија, Италија, Франција, Австралија, Канада... Тој ќе слета на фудбалски терен, ќе се обиде да сурфа, ќе јаде пица во Италија, ќе лета над Нијагарините водопади и ќе разговара со гулабот – негов туристички водич.


„Сон на балон“ е хумористична, едукативна, емотивна и топла приказна која зборува за пријателството и моќта на детската фантазија. Отвора важни теми за растењето, иселувањето, пријателството на далечина и чувството на припадност. Книгата е наменета за деца, но носи силна порака и за возрасните – дека домот не е само место, туку чувство кое го носиме во себе, вели Велинова.


Преку авантурата, најмладите читатели ќе учат за различни земји, култури, симболи, па и за историјата.

„Има скриена поента, како порака во шише кое никогаш не потонува, како сон на балон кој никогаш не слетува... ‘Домот е таму каде што ти е срцето’. Да ја вдомиме приказната во срцата на нашите сакани дечиња! Читлив, разбирлив и есенцијален расказ, налик на детски патопис и културолошки живопис со соодветна содржина и етичка порака“, пишува во рецензијата професорката Татјана Алексиќ.


Промотори на сликовницата се универзитетската професорка Кристина Николовска и учениците од Основното училиште „Љубен Лапе“ од Аеродром, Скопје, под менторство на наставничката Маја Младеновска.