[ФОТО] Вака изгледа масовното судење на 486 наводни водачи на бандата МС-13: Им се закануваат векови затвор

Точка

22/04/2026

18:42

674

Големина на фонт

а а а

Судот во Ел Салвадор започна масовно судење за повеќе од 400 наводни водачи на криминалната банда Мара Салватруча, позната како МС-13, во постапка што опфаќа повеќе од 47.000 кривични дела за кои обвинителите тврдат дека биле извршени меѓу 2012 и 2022 година.

Обвинителите наведуваат дека вкупно 486 обвинети издавале наредби за убиства, фемициди, изнуда, трговија со оружје и присилни исчезнувања, а ги товарат и за бунт поради наводни обиди за воспоставување паралелна држава преку територијална контрола, пренесе Ројтерс.


Обвинителството, кое како докази приложило обдукциски наоди, балистички анализи и сведоштва, побарало од судот изрекување максимални казни за секое кривично дело, што значи дека некои од обвинетите би можеле да се соочат со казни до 245 години затвор доколку бидат прогласени за виновни по сите точки од обвинението.

Властите наведуваат дека предметот опфаќа и наредби за убиство на 86 лица во периодот од 25 до 27 март 2022 година, што се смета за најнасилниот викенд во повоената историја на Ел Салвадор.


Бранот убиства го принуди Конгресот, во кој доминираат провладините сили, да прогласи вонредна состојба на национално ниво, која оттогаш се продолжува секој месец без временско ограничување.


Вонредната состојба наиде на остри критики поради наводното овозможување широко распространети кршења на човековите права, а меѓународни правници ги обвинија властите во Ел Салвадор за злосторства против човештвото, вклучувајќи мачења, убиства и присилни исчезнувања.


Врз основа на вонредната состојба, безбедносните сили привеле повеќе од 91.500 лица.

Хуманитарните организации проценуваат дека оваа мерка довела до преоптовареност на затворите од 238 отсто, како и до смрт на 513 притвореници во затворите.


Владата на претседателот Најиб Букеле вели дека оваа мерка придонела за намалување на стапката на убиства на 1,3 на 100.000 жители во 2025 година, во споредба со 7,8 во 2022 година, според официјалните податоци.