Матераци верува дека ќе се повтори 2006 година: Нема да ги заборавам лицата на Германците во тунелот

Дерби

09/07/2021

16:13

922

Големина на фонт

а а а

Марко Матераци беше дел од италијанскиот тим кој ја освои Светската титула во 2006-та година, турнир на кој „аѕурите“ успеаја да го елиминираат домаќинот во својот пат до големото финале.

Италијанците ги победија Германците на нивни терен во полуфиналето на мундијалот, а овој натпревар му послужи на Матераци како инспирација за она што следи во недела, односно големото финале на Европското првенство.

Матераци пронајде сличности меѓу натпреварот со Германија во 2006-та и овој претстојниот против Англија на „Вембли“, верувајќи дека Англичаните ќе излезат исплашени на теренот со оглед на големиот притисок како домаќини.

– Англија игра дома, исто како што беше и со Германија во 2006-та година. Се сеќавам на лицата на Германците во тунелот, беа бели и бледи како нивните дресови. Си велевме меѓу себе: Им се гледа стравот во лицето. И навистина беше така. Имавме човек кој ни ги преведуваше нивните зборови и тие го чувствуваа притисокот како домаќини.

– Во полуфиналето, исти беа и лицата на Англичаните по голот на Данска. Роберто Манчини треба да им ги покаже тие лица на играчите. Англичаните ќе се плашат од Италијанците и имаат и зошто. Двапати ги победивме на „Вембли“, со голови на Капело и Ѕола. Овојпат се надевам дека на листата на стрелците ќе се запише Имобиле, – изјави Матераци.