Англија и Италија за првпат ќе ги одмерат силите во едно финале на Европско првенство, кое всушност ќе биде премиерно за домаќинот на ова континентално натпреварување чија завеса ќе се спушти на „Вембли“.
Англичаните шест од своите седум натпревари ги одиграа на домашен терен и може комотно да се каже дека излегоа како најголеми профитери од ова чудно Европско првенство кое се одржа во 11 градови, а кое завршува токму на легендарниот „Вембли“ во историската шанса да дојдат до првата Европска титула.
Италија дефинитивно нема да биде обичен и лесен ривал поради големата традиција и карактерот кој го поседува тимот на Роберто Манчини, но иако очекува навистина тесен натпревар, Џејми Карагер прогнозира дека неговата селекција ќе победи на пенали.
– Сметам дека ќе гледаме навистина израмнет и тесен меч. Прогнозирам дека ќе гледаме пенали и дека Англија ќе излезе како победник во пенал рулетот. Обрнавме големо внимание на работа на пеналите во изминатиот период и не треба да го упропастиме тоа. Не верувам дека ќе видиме многу голови во регуларниот дел.
– Италија е многу силна дефанзивно, но истото важи и за Англија. Мислам дека ќе биде 1:1 и потоа ќе гледаме пенали. Верувам дека ова е најдоброто финале што можевме да го добиеме. Овие два тима прикажаа најмногу на турнирот, а победникот ќе ја зграби цела слава во недела, – вели Карагер за „Скај Спортс“.