Бројот на заразени со делта сојот се зголеми за уште четири лица, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција.
„Оние вчерашни испитувања на четворица пациенти, случаите што се анализираа, потврдија дека имаат индиски сој на коронавирусот. Еден пациент е со потешка, додека пак другите се со стабилна клиничка слика и немаат потешка форма на болеста“, соопшти министерот.
„Пандемијата може да трае до 2024 година“
„Постојат предвидувања дека пандемијата може да трае до 2024 година, но тоа не значи дека треба и мора да останеме затворени. Тоа значи дека е важно што поголем број граѓани да се вакцинираат“, изјави денеска министерот Филипче.
Тој додаде дека не се знае дали ќе има нова мутација на вирусот која ќе предизвика нови бранови, што значи дека оваа пандемија може да трае и повеќе години.
„Ова значи дека што поголем број на граѓани треба и мора да се вакцинираат. Така ќе се заштитат себеси, така и да е присутен вирусот и да дојде некоја нова мутација веројатно ако се заразат ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка“, изјави Филипче.
Posted by MИА.mk on Wednesday, July 7, 2021
Тој најави дека до крајот на неделава се очекува средба на Комисијата за заштита од заразни болести на која уште еднаш ќе биде разгледано прашањето дали по откривањето на неколкуте случаи со индискиот, делта сој во земјава би можело да се размислува за воведување на евентуални рестриктивни мерки.
„Генерално состојбата во земјава е мирна и стабилна, нема зголемување на бројот на прегледи во болниците во врска со коронавирусот“, рече министерот.
Од понеделник вакцинирање на деца од 12 до 16 години со „Фајзер“
Филипче на прес-конференцијата додаде и дека од понеделник, освен теренската вакцинација, ќе можат да се вакцинираат и децата над 12 години (со вакцината „Фајзер“), а граѓаните од понеделник ќе немаат потреба да закажуваат термини за вакцинација, туку директно ќе можат да одат на пунктовите и да примат вакцина.