Роден е како принц на Грција и Данска: Филип се откажа од православната вера, а еве зошто неговите сестри не присуствувале на венчавката...

Точка

09/04/2021

16:10

2.993

Големина на фонт

а а а

Војводата од Единбург, принцот Филип, сопруг на британската кралица Елизабета Втора денеска почина на 99 годишна возраст.

Војводата од Единбург е роден како принц Филипос од Грција и Данска, роден е на 10-ти јуни 1921-ва година во Грција како син на принцот Андреј од Грција и Данска и принцезата Алиса од Батенберг.

Неговото детство било проследено со доста семејни конфликти, а уште пред да биде роден, неговите родители биле во сериозна брачна криза. Подоцна, за време на пучот, неговиот татко побегнал во егзил во Монте Карло каде што живеел со својата љубовница, а Алиса со петте нивни деца заминала за Париз кога принцот Филип имал само 18 месеци.


Тие на почетокот живееле во мала куќа во париско предградие која била во сопственост на неговата тетка Марија Бонапарта. Животот на семејството на Филип тогаш не бил лесен, немале пари, а сметките им ги плаќале богатите тетки.

На негова 8-годишна возраст, неговата мајка заболела од шизофренија, а таткото не сакал да ги прифати децата и ретко ги гледал. Кога наполнил 9 години, сите четири сестри се омажиле за Германци кои биле поврзани со Третиот Рајх, а тој останал сам кај неговите вујко и вујна.


Со неговиот татко речиси и никогаш не се видел, а знаел и по неколку години да не слушне ништо за неговата мајка се додека накратко не ги споила една трагедија. Имено, сестрата на Филип, Сесилија, нејзиниот сопруг, мајката на сопругот и нивните двајца синови загинале во авионска несреќа во 1937-ма година.

Се школувал во Франција, а потоа и во Англија каде што за време на Втората светска војна служел во британската морнарица. За тоа време, неговата мајка им помагала на Евреите, за што има добиено и орден. Принцеата Алис после војната станува дел од монархијата, а Филип се заљубува во Елизабета.


Пред венчавката, од Филип било побарано да премине од грчката православна црква во црквата на Англија, да се откаже од хеленската круна и да стане Британец. Тој тоа и го прави, а во 1947-ма година добива и британско државјанство и во ноември истата година стапува во брак со Елизабета.

Сестрите не присуствувале на неговата венчавка поради поврзаноста на нивните сопрузи со нацистите. Во 1957-ма година станува принц на Велика Британија, па како член на британското кралско семејство започнува редовно да ги исполнува своите јавни должности.