Дигиталниот зелен сертификат ќе биде доказ дека лицето е вакцинирано против Ковид-19 или добило негативен резултат на тестирање или закрепнало од коронавирусот и има антитела.
Европската комисија денеска предложила создавање на дигитални зелени сертификати, за да се олесни слободното движење внатре во ЕУ во текот на пандемијата.
Во ЕК велат дека нивниот предлог сертификат прифаќа потврди за вакцинација со вакцините кои добиле одобрение за користење во ЕУ, но дека државите членки можат да одлучат да прифатат и други вакцини како услов за слободно патување во нивната територија.
Сертификатите ќе бидат достапни за сите граѓани на ЕУ, признати во сите земји на ЕУ, ќе бидат бесплатни и ќе се издаваат во дигитален или хартиен формат.
"Нашата намера е со овие сертификати да им помогнеме на земјите членки да се вратат во слободно движење на безбеден, одговорен и кредибилен начин", порачала претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Сертификатите ќе содржат ограничен збир од информации како што е се име, датум на раѓање, датум на издавање, информации за вакцина или тест и единствен идентификатор за потврда.
Потпретседателот на Комисијата, Маргаритис Схинас, во интервју за ФАЗ изјави дека потврдата треба да биде готова до лето, а летото започнува на 1 јуни.
Дигиталниот зелен сертификат ќе важи во сите држави членки на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Во Комисијата наведуваат дека системот на дигитални зелени сертификати ќе биде привремена мерка која ќе биде суспендирана кога WHO ќе прогласи прекин на пандемијата.