Мотивираниот светски шампион покажа сила и моќ, Македонија „настрада“ во Алборг

Дерби

14/03/2021

17:55

3.379

Големина на фонт

а а а

Селекторот Кирил Лазаров се одлучи за една подмладена Македонија во Алборг во која ги немаше ниту него, ниту Филип Миркуловски, а надоврзано на повредата која ја има Столе Стоилов, евидентно беше нивното отсуство во дуелот против светскиот шампион.

Данска имаше посебен мотив за надигрување по шокантниот пораз во Скопје пред три дена, со тоа што денеска може да се каже дека не наиде на сериозен ривал против подмладената Македонија која настрада на гостувањето.

Македонија го претрпе првиот пораз во квалификациската група за Европското првенство, па три дена по огромниот подвиг за кој зборуваше цела европска јавност, избраниците на Лазаров мораа да им подадат рака на светските прваци кои беа немилосрдни на теренот од првата до последната минута од средбата.

Данците ја презентираа сета своја сила и моќ и победија со убедливо 37:21, што е само јасна потврда за она што го говореше самиот Лазаров и по неверојатна победа во Скопје. Пред оваа млада селекција претстои уште многу работа и надоградување, па за крајните цели ќе може да се говори после извесно време работа со новиот селектор кој денеска реши да одмори како играч.

Домаќинот ја навести победата уште во првото полувреме кое го доби со 17:10, а во вториот продолжи да меле и откако даде 20 гола, а прими 11, славеше со високи 37:21. Кузмановски со пет гола беше најдобар реализатор во нашиот тим, Пешевски и Велковски постигнаа по три, а најдобар поединец на паркетот беше Гидсел со седум гола во нашата мрежа.

До крајот на квалификациите, Македонија ја чекаат уште два дуели со Финска и против Швајцарија на домашен терен, натпревари кои ќе ги пречекаме како второпласирана селекција во групата.