Убедливата победа на македонската ракометна репрезентација против светскиот шампион Данска како бомбастична вест одекна низ сите медиуми во светот.
И најугледните светски медиуми им симнуваат капа на нашите репрезентативци кои предводени од новиот селектор, легендарниот Кире Лазаров креираа незаборавна вечер и историски резултат.
Силната Данска во еден момент во Скопје губеше и со убедливи девет голови разлика, нешто што не им се случило долго време, па токму затоа нашите репрезентативци ги собраа сите почести.
Кире Лазаров и ракометарите се најдоа и во шпанската „Марка“ која ги испофали за неверојатното издание против Данска, а јасно беше дека главниот акцент ќе биде ставен на капитенот и селектор на репрезентацијата.
– Кире Лазаров ја продолжува својата легенда во ракометот. Еден од најдобрите стрелци во историјата на овој спорт не можеше да има подобро деби работејќи како селектор - играч за Македонија. Балканскиот тим ја совлада Данска, земјата која е актуелен светски шампион.
– Лазаров заслужува специјално споменување. Лазаров кој имаше двојна улога како тренер и десен бек, улога која ќе ја извршува додека не ја добие Мастер лиценцата, беше во можност да и помогне на Македонија од клупата и од теренот, постигнувајќи четири погодоци. Ниту Микел Хансен со 11 гола зад своето име не можее да стори ништо против противник кој поголем дел од натпреварот напаѓаше со седум играчи, - стои во написот на „Марка“.